Ранг листа на државите според брзината на интернетот

Најбрз интернет во светот има Сингапур, во просек 154.38 Mbps, додека Венецуела е последна на листата со 3.20 Mbps, покажува најновото рангирање на Глобалниот индекс. Тоа претставува интерактивна мапа која ги подредува државите во светот според нивната брзина на интернет, на месечно ниво. Страницата ги прикажува и месечните опаѓања, или зголемувања на брзината.

Па така, Македонија во моментов е на 62-то место, или едно место подолу на листата од претходното мерење, која брои 133 држави во категоријата за фиксен интернет, додека во категоријата за мобилен интернет се вклучени 122 држави, а Македонија е на 33 место, или осум места подолу.

За да се биде дел од оваа листа, државата мора да има минимум 670 уникатни тестови за брзина на мобилен интернет и 3 333 за фиксен интернет, секој месец.

На второ и трето место според брзината на фиксниот интернет се Јужна Кореја и Хонг Конд, додека според мобилниот интернет листата ја предводи Норвешка, а по неа следуваат Холандија и Унгарија.

Од државите на Балканот, Бугарија е на 32 место според брзината на фиксен интернет, додека според мобилниот се најде на 24-то место. Грција се наоѓа на 92-то според фиксниот интернет, додека според мобилниот интернет се наоѓа на 17-то место.

На листата добро е рангирана и Словенија, со 44 место за брзината на фиксен интернет и на 38 место според мобилниот интернет. Србија, пак, е рангирана на 57 место според фиксниот интернет, а на 31 според мобилниот интернет. Сличен просек има и Хрватска, која се наоѓа на 61 место според фиксниот интернет, а на 29-то според мобилниот. За разлика од нив, најслаб интернет има Црна Гора.

Целата листа може да ја погледнете на следниот линк.