„Рана интервенција“ – платформа за децата со aтипичен развој

Новата веб-платформа „Рана интервенција“, наменета за родители и старатели на деца со задоцнување во развојот и на деца со попреченост на возраст од 0 до 6 години за да им понудат на семејствата пристап до услуги за рана интервенција и онлајн психо-социјална поддршка.

Платформата е изработена со поддршка од УНИЦЕФ и во соработка со Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори и има за цел да им помогне на родителите и старателите да ги разберат клучните развојни показатели во раното детство – да ги препознаат првите знаци на доцнење во развојот и да го стимулираат развојот на детето преку игра и вежби. Платформата е достапна на македонски и албански јазик.

„Платформата за рана интервенција за деца со попреченост е новаалатка кај нас што ќе им помогне на семејствата на децата со попреченост и на стручните лица кои работат со нив да го утврдат најдобриот пристап за работа, согласно индивидуалните потреби на детето. Министерството за труд и социјална политика ќе ги следи искуствата од нејзиното користење за да воспостави мултидисциплинарен систем за рана идентификација и рана интервенција, за да осигура дека секое дете ќе има еднакви можности за раст и развој,“ рече Јагода Шахпаска, министерка за труд и социјална политика.

„Рана интервенција“ нуди лесен пристап до индивидуализирани стручни насоки и интервенции, вклучувајќи опција родителите да достават онлајн-барање според кое стручни лица од Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори ќе извршат проценка на индивидуалните потреби на детето и ќе изработат индивидуален план за развој. Со оваа опција, на родителите, без оглед каде живеат, им се дава пристап до прилагодена и специјализирана поддршка и насоки за стимулирање на вештините, способностите и умешноста на нивното дете.

„Раното детство е период на големи можности за развој на детето, но и период на ранливост. Земајќи во предвид дека децата со попреченост се меѓу најранливите, особено за време на пандемијата со КОВИД-19, од витално значење е семејствата да имаат пристап до услуги, особено до услуги за поддршка на раниот детски развој, “ рече Патриција Ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ. „Првиот чекор за вклучување на децата со попреченост во општеството е да се создадат услови за оптимален развој во раното детство.“

Интернет-платформата претставува проширена услуга на Центарот за рани интервенции отворен во Скопје на почетокот од оваа година. Основан со поддршка на УНИЦЕФ и финансиран од Владата на Велика Британија, новиот центар е дел од обидот за проширување на услугите во заедницата за семејства на деца со попреченост и доцнење во развојот.

„Ние се залагаме за подобрување на политиките и практиките за социјална кохезија и различност во Северна Македонија. Затоа со задоволство ги поддржуваме услугите во заедницата прилагодени за децата со попреченост како влезна точка за нивно вклучување во општеството. Центарот за рани интервенции е дел од нашите пошироки напори за подобрување на животот на сите деца и за поддршка на реформите во образовниот и социјалниот систем“, рече британската амбасадорка Рејчел Галовеј.

Потребата од онлајн услуги за рана интервенција беше препознаена како одговор на пандемијата со КОВИД-19 која наруши некои од основните услуги за поддршка на децата со попреченост, ставајќи го товарот врз родителите и старателите. Гарантирајќи континуитет на услугата, интернет-платформата сега стигнува и до семејствата во заедници каде услугите не се физички достапни, но и до семејствата кои поради ниските приходи не ги користеле услугите во минатото.