Рамбо Амадеус: Не предавам повеќе на студенти, не ги интересира што зборувам

„Кога ќе се фатам за некоја тема, сакам да ја ‘истерам’ до крај. Да ја доведам до апсурд – тоа ми помага да ги разберам работите. Сигурен сум дека инспирацијата ми се случи кога почна трката за Арктикот или кога почнаа да продаваат парцели на Месечината или на Марс, веќе не сум сигурен кое небеско тело беше, но се сеќавам дека луѓето купуваа парцели“, вели Рамбо Амадеус во интервју за хрватски Јутарњи лист, кое делумно го пренесуваме.

Договорот за интервју беше во една продавница за музика во центарот на Загреб. Рамбо пиеше кафе и разгледуваше плочи и бокс-сетови. „Иако е скапо, ова очигледно некој го купува, инаку не би било изложено“ – го коментираше дебелиот пакет на едно издание на Dylan, кое преминуваше илјада, што грамови, што куни.

„Пушти ми го, те молам, овој (Thelonious) Monk. Овој албум ми е непознат“, му рече Рамбо на продавачот пред да го почнеме разговорот. Рамбо Амадеус е стара школа, еден од оние луѓе кои растеле во продавниците за музика, чекајќи ги новите изданија. Кога од звучникот се зачуја пријатните клавирски пасажи на Monk, започна и приказната со џезот и за тоа што го привлекло „светскиот мегацар“ кон оваа музика.

„Тргнав од гледна точка на музицирањето, затоа што рокот ми е здодевен. Во три такта на кое било џез парче ја собира целата историја на рокенролот и уште останува нешто вишок. Така што, во таа смисла, рок е се друго освен музицирање. Тоа е музика, но е како гусла. Гуслата е исто музика, но тука нема некое претерано музицирање. За да ми биде помалку здодевно на бината, најпрво викав луѓе на кои им се восхитувам како свират, а понекогаш човек од нив нешто и ќе научи. А, Thelonious Monk е исклучително интересен баш затоа што музицира, но не музицира провинцијално. Провинцијалците инсистираат на виртуозноста. Monk се сочувал себеси од виртуозноста и со самото тоа има развиен стил.  Тој е во еден минималистички израз, кој е далеку од банален. Неговата музика е многу оригинална и карактерна. Тој е баш по мојот вкус“, вели Рамбо.

Кога почнавме да зборуваме за неговите директни влијанија, Рамбо рече: „Како да кажам… се охрабрив да свирам гитара кога слушнав како свири James Blood Ulmer. Беше нешто како: ‘Види, богати, како можело!“ А, тој потоа отиде во некој свој правец….“

Значи, James Blood Ulmer беше првиот импулс поради кој зедовте гитара во рака?

– Не е само тој. Прв на кој ги начулив ушите беше Robert Fripp, а потоа следеа останатите…

По седум години го објавувате новиот студиски албум. Во која фаза е?

– Готов е. Тука е. Тоа е одамна предадено. Сега само чекаме да стигне „стиснато“. Но, во меѓувреме се случи оној „лајв“ албум од белградскиот Дом на синдикатите, на кој имаше 4-5 нови песни. А, кога станува збор за самото објавување…. Знаеш што, подобро е да не издадеш албум, отколку да се види дека нема што да кажеш. Барем јас така мислам. Што ќе им е на луѓето уште еден албум на Рамбо Амадеус во витрината, ако не сакаат да го отвораат и слушаат?

Минатата година рековте дека немате ништо во план. Дали ова значи дека се случи изненадно или….?

– Потполно непланирано. Само го доведов во студиото мојот пијанист Војин Диздар, кој инаку е супер аранжер и сака тоа да го работи, и му дадов некои 20 натрупани песни. Му реков: „Еве, префрли ги кај тебе и види што има тука, дали е добро или не е добро“. По еден месец, тој ме побара и ми рече: „Па, ова се беше веќе скоро завршено“. Ме мрзеше воопшто да му објаснувам, толку бев сит од работата на тоа. Не ги издавав тие песни, но се натрупаа идеи, но се некако во круг, тоа е проклетството на работата во свое студио – никогаш не мораш да завршиш, можеш да работиш во недоглед. „Врв на дното“ е најсвежата песна, нејзе последна ја завршив, така што тој сензибилитет е најактуелен. Инаку, ова другото е малку побајато. Искрено, сакам да почнувам и да конципирам, мразам да завршувам и „пицкам“.

Спотот за „Врвот на дното“ не може да биде поедноставен. Риба во аквариум. Некои велат дека тоа е и врвот на концептуалата во последно време на Балканот.

– Таа риба е паку, подвид на пирана. Карактерот и е ист како на пираната и малку е поголема. Разликата е во тоа што кога ќе ја отвори устата, има коцкести заби, па има „насмевка“ која личи на човечката. Рибата паку ја имаше во зоолошката градина каде го снимавме спотот и така падна одлуката. Кога се работи за концептуализмот, мислам дека тој е потребен во денешно време. Денешниот човек е пренатрупан со информации, со некои сензации, шареноликост, па е потребно да се постави таа некоја решетка. Да се знае што е горе, што е долу, лево, десно. Што е Врвот, а што ДНК.

Рамбо Амадеус: Не предавам повеќе на студенти, не ги интересира што зборувам

Песната доаѓа во момент кога целиот свет воопшто „се ниша“. Сметате ли дека сме блиску до некои пресврти?

– Гледам дека луѓето тоа го сфаќаат како да е тоа некој раб на бездна. „Врвот на дното“ не е опис на амбиент, туку на личност и постојано ме тераат да кажам на кого мислам во песната. А, тоа не е важно. Ако песната е добра, секој ќе мисли на некој свој, кој го смета за врв на дното. Инаку, принципот што тука е предложен е да ги согледуваме луѓето чија амбиција е поголема од нивните способности. Така е во сите подрачја. Како поинаку да го толкуваме тоа што светот „се ниша“?

Па, мислите ли дека треба да дојде до некој пресврт, т.е. дали лицемерството е на својот врв и овој систем не може понатаму или тоа е образец по кој работите и натаму ќе се развиваат во недоглед?

– Знаете, сите ние од овие простори сме малку разгалени од Југославија во 70-те, и тоа со титовиот социјализам кој беше доста, доста елегантен. Тоа дури сега, од оваа дистанца, можеме да го увидиме. И во таа смисла ние сме не само разгалени, туку и нашите критериуми се високи кога е во прашање општественото уредување и воопшто кога е во прашање општествената организација, индивидуалецот во општеството итн. Меѓутоа, кога ова го согледуваме од малку поголема дистанца, од некоја антрополошка линија, или историска, гледаме дека човекот е се подобар и подобар. Пред само 300 години среде Европа сме имале ситуации во кои свештеници земаат една црвенокоса девојка која таму некаде вари некои чаеви и ги лечи луѓето од настинки и ја горат на клада, на воодушевување на толпата. Истата работа се случувала кога некој свештеник би нашол некој човек што зборува еретички глупости – Земјата се врти околу Сонцето и слично или не дај боже дека Бог не постои. Таквите и ги мачеле. Имале специјални алати за мачење, а денеска во Холандија има музеј на направи за мачење кои ги користела Црквата за да ги изложи луѓето на кои им паѓаат на памет некакви глупости на невидени маки, за да ги „признаат“ гревот.

Можеме ли сега да повлечеме некаква паралела, затоа што и денес се мачат затвореници – најпознатото место е Гвантанамо…

– Знам, но тоа не е доминантно однесување на цивилизацијата. Тоа се маргинални случувања. Јас, кога зборувам за цивилизацијата, зборувам за Европа, а не за Третиот свет. Америка е сепак дел од Третиот свет. Тоа е нов контитнент, дајте им малку време. За жал, човекот денеска создаде технологија со која во еден момент може да го уништи целиот жив свет на Земјата. Се надевам дека човештвото сепак нема толку самоубиствени нагони. Но, и да е, не е некоја голема штета, тоа значи само дека треба да се сочека некоја нова шанса, некои други суштества кои ќе бидат подобри од нас. Од гледна точка на Универзумот, сеедно е кој ќе биде тоа, каде и кога. Јас верувам дека ние како цивилизација не сме ни единствени ни подобри во вселената во овој момент. Сепак, ќе повторам, евидентно е дека стануваме се подобри.

Им предавате ли и натаму на студенти?

– Го откачив тоа. Едноставно не успеав да ги заинтересирам тие студенти кои доаѓаа на предавањата. Тие мислат дека со тоа што мама и тато им платиле за студиите, нивното школување е завршено. Така што, по школската година, со индигнација се откажав од тоа, затоа што увидов дека никого не го интересира тоа што го зборувам. Вака – плати, брате, карта, па слушај како серам од бината, да ми простат дамите.

Што има ново во Рамбовиот едриличарски живот?

– Станав секретар на едриличарскиот клув во Херцег Нови, затоа што сметам дека сите тие мои менаџерско-организациски способности што ги стекнва менаџирајќи се себеси во шоу бизнисот, треба да му ги ставам на располагање на клубот. Силно уживам во сите напнатости што тоа ги носи.