Ракот на дојка не го заобиколува никој – Благоја Боцевски ја победи болеста и бара скрининг и за мажите

По 11 години, 69 годишниот Благоја Боцевски реши да проговори за неговата борба со ракот на дојка. Тој е еден од ретките мажи кои се соочиле со оваа болест во државата и светот воопшто.

„На почетокот имав некој страв да збрувам за мојата болест, но после видов дека за тоа треба да се зборува бидејќи со тоа и самиот се релаксирам, а и општествено делувам. Луѓето кои се сомневаат да го изгубат стравот и да се појават пред лекарите за побрзо да им се открие оваа подмолна болест“, порача тој од денешната прес-конференција на здружението Борка за претстојната трка.

Боцевски упати апел до мажите да вршат самопрегледи, за навреме да ги откријат промените и лекувањето да биде успешно. Но, апелираше и до здравствените власти да воведат скрининг и за мажите.

Претседателката на здрижението Борка, Биба Додева, истакна дека во светски рамки, 1 до 2 проценти од мажите заболуваат од рак на дојка. Сличен тренд има и во Македонија, со отприлика 8 до 10 мажи на годишно ниво кои се новодијагностицирани.

„Порано мислевме дека имаме ние ексклузивитет како жени дека ракот на дојка се појавува само кај нас, меѓутоа не е така. Кога дојде за првпат чичко Благоја кај нас и ни кажа, ние навистина бевме изненадени, но тој и неговата прекрасна сопруга беа дел во целиот тој процес додека се лекуваше, самото откривање, а понатаму имавме можност и успешно да го победи ракот. Сега е дедо на три внуки“, раскажа Додева.

Таа нагласи дека ракот не го заобиколува никој. Од него може да заболат и мажи и жени и деца, забележа таа. Според Додека, важни се современите терапии, нивната достапност и психолошката помош, како и квалитетни здравствени услуги.

Здружението Борка веќе 13 години ја води кампањата „Напред розово“, посветена на оние кои се избориле, се соочуваат со болеста или пак ја загубиле борбата.

Годинава, здружението се приклучува на Националната кампања за борба против рак на дојка, кој ќе се одржи во недела во Градски Парк, кај Школка и во уште 13 градови низ Македонија истовремено. Трката насловена „Трка за лекот“ ќе започне во 11 часот. Со ова, тие им се приклучуваат на уште 36 други земји и организации во Европа.

Сепак, организаторите не повикуваат на масовност, туку да држат растојание и да внимаваат на мерките против Ковид-19.

Покрај во Скопје настани истовремено ќе се одржуваат и во Битола, Охрид, Прилеп, Ресен, Кавадарци, Велес, Струмица, Гевгелија, Валандово, Тетово, Гостивар, Дебар, Колани и Виница.

Лично искуство за средбата со болеста имал и Лук Захнер советник за односи со јавност во Амасадата на САД во Република Северна Македонија. Тој нагласи дека оваа тема е универзална, и на некој начин ги допира сите луѓе низ целиот свет.

„Се надевам дека сите ќе се придружите на „Борка“ и на тимот на Амбасадата во недела да чекориме заедно во чест на сите кои ги изгубија животите и во поддршката на семјставта, пријатели, докторите, истражувачите и на заедницата“, повика Захнер.