[Радио МОФ@Way Out West] SIA го затвори фестивалот со фантастичен спектакл

Со импресивниот настап на SIA годинава беше затворено десеттото, јубилејно издание на Way Out West фестивалот во Шведска.

На третиот и последен ден први ,,хедлајнери’’ беа Швеѓаните The Deportees, кои беа одлично пречекани од домашната публика. Се чини дека самиот бенд има напреднато во својот квалитет, бидејќи лани беа дел од Stay Out West, а годинава им припадна втората сцена – Azalea. Нивните хитови меѓу кои и „Love Me Like I’m Gone“, „Islands And Shores“ ги пееја во еден глас заедно со бројната публика.

Веднаш потоа на главната сцена Flamingo настапи хип-хоп изведувачот Big Sean, кој порано годинава истата сцена ја подготви за Rihanna, но овој пат на фестивалот, сцената беше само негова. Приреди одлична забава и ја остави публиката „жедна“ за уште.

Невремето беше упорно, но поупорна беше масовната публика која со играње и пеење го „избрка“ лошото време и конечно се појави сонце над сцените во Slottsskogen. Шведската соул кралица – Seinabo Sey со нејзиниот одличен вокал и харизма ја „маѓепса“ публиката, на единствениот нејзин фестивалски настап за оваа година. Jamie XX со диџеј сет ја „крена“ целата публика на нозе, а секогаш одличните Massive Attack заедно со Young Fathers дадоа моќен, заводлив настап, кој ќе се памети уште долго.

Како дописниците на Радио МОФ од Шведска имавме можност да ги посетиме и сите помали сцени и бренд-штандови, каде што исто така се слушаше одлична музика за сечиј вкус. Задоволни фанови имаше насекаде на просторот на фестивалот. Имаше безброј најразлични активности и повторно сите вкусови беа задоволени.

Мислевме дека бевме подготвени за она што не очекуваше, но никогаш не сме погрешиле повеќе. Конечно на главната сцена дојде време за настапот на SIA. Ништо не можеше да не подготви за нејзиниот ФАНТАСТИЧЕН настап. Верувајте дека не претеруваме кога велиме дека не постојат зборови со кои можеме да ја опишеме SIA. Она што го претвори нејзиниот настап во спектакл (покрај вонземскиот вокал) беше и придружбата на нејзините танчери, меѓу кои беше и неверојатно талентираната Maddie Ziegler. Носејќи ја препознатливата црно-бела перика и абнормално голема панделка, стоеше од левата страна на сцената, оставајќи им простор на танчерите да го одиграат своето. Хитовите се редеа еден по еден, почнувајќи со Alive, Diamonds (кавер на Rihanna), Cheap Thrills, Elastic Heart, Titanium и завршувајќи со Chandelier. Колку и да беше гласна публиката, SIA со својот вокал беше погласна. Вредеше да се „трпи“ сиот тој дожд, сета кал, некои организациски пропусти само за да се дочека SIA. Нејзиниот настап (воедно и прв во Европа) едноставно ги избледе сите негативности и му даде ново, моќно светло на фестивалот. Одамна не сме виделе и слушнале толку комплетен и моќен настап како што беше нејзиниот вчера вечер. Ова беше неповторлив настап, настап кој долго ќе се памети и настап кој долго потоа никој нема да успее да го симне од тронот. Подобар крај не можевме да посакаме.

Way Out West беше уште едно забавно и позитивно фестивалско искуство. Публиката, по спектаклот на SIA, за следната година има уште поголеми очекувања. До тогаш, vi ses!

Сара Габриелсон и Ана Ристевска