[Радио МОФ@Way Out West] Измешани емоции на првиот ден од фестивалот

Долгоочекуваниот „Way Out West“ ги отвори своите врати по десетти пат, на добро познатото место, паркот Slottsskogen кој е најголемиот градски парк во Гетеборг, Шведска. „Way Out West“ беше главна тема на муабет, уште долго пред да бидат најавени првите ѕвезди. Сега, кога конечно фестивалот почна, емоциите меѓу публиката се измешани.

Зависно кого прашувате, мнозинството од публиката делува малку разочарано од овогодинешната програма, особено поради фактот што ова е јубилејно, десетто издание. Многумина се изјаснија дека очекувале уште некое големо музичко име, како изненадување за мини-јубилејот. Разочарани или не, сепак вчера владееше одлична, позитивна атмосфера до самиот крај на првата вечер.

M83 како за први „хедлајнери“, одлично го отворија фестивалот и ја кренаа атмосферата на високо ниво. Инди бендот Daughter, предводени од фантастичната Elena Tonra придонесоа за целосно опуштање на сите сетила. Ѕвезди на вечерта беа The Last Shadow Puppets со нивниот моќен, експлозивен, заводлив настап. Мorrissey ја имаше честа да го затвори првиот дел од „Way Out West“ трилогијата, шармантен и борец, како и секогаш.

Мора да се признае дека организаторите навистина се потрудиле се да биде убаво ,,скоцкано”, но можеа да се забележат некои пропусти. Така, главните ѕвезди како Travis Scott и Anohni ги откажаа своите настапи во последен момент и не им беше најдена замена. Останаа само ,,дупки” во распоредот. Исто така, и одличните Англичани, The Libertines, го откажаа својот настап само пет минути пред да излезат на сцена. За среќа, го презакажаа за денес (петок), во истиот термин.

За оваа јубилејната десетта година,  фестивалот нема пуштено официјални маици со „line-up“. Можеа да се најдат само маички со Sia и Morrissey, ништо од другите изведувачи. Ако не прашате нас, тоа е голем проблем за големо име како „Way Out West“.

Но, да не судиме пребрзо. Сепак е само прв ден, и сите се согласни дека најдоброто допрва доаѓа.
Најпозитивната страна, како и минатите години, така и овој пат, Way Out West е дефинитивно „најзелениот” фестивал во Европа. Главен акцент е ставен на целосно веганското мени, здравата исхрана, рециклирањето, употребата на биоразградливи и органски материјали ширум целиот фестивал. Годинава, на таа тема освежување донесе штандот на Max – најголемиот ланец на фаст фуд бургери во Шведска, со вегетеријански бургери, направени специјално по повод фестивалот.

Исто така, голем плус за организацијата беше тоа што оваа година има организиран превоз до клубовите ширум Гетеборг, за „Stay Out West“ програмата.

Со голем ентузијазам и уште поголемо нетрпение го очекуваме денешниот, втор ден и настапот на големите шведски имиња Seinabo Sey и Zara Larsson, како и James Bay, The Tallest Man On Earth, бонд девојката Grace Jones, моќната PJ Harvey и многу други. Забавата само што започна.

Vi ses!

Сара Габриелсон и Ана Ристевска