[Радио МОФ@Sea Dance] Вистинска фестивалска авантура на дожд, со одлични журки

„Јаз“ – можеби имате претстава што значи зборот напишан во наводници?! Ако патувате низ Црна Гора блиску до ревијалното место Будва на само 2,5 километри кон запад низ карпестите предели ќе наидете на рамница. Сместена во залив во должина од 1,3 километри се простира една од најдобрите плажи на Јадранот, плажата Јаз. Сместена меѓу две планини од страните, од напред море, од позади рамница, плажата Јаз нуди вистинска клима и загарантирано летно ужување. Ова место го врзуваат неколку интересни факти и престижни награди. На плажата имаат настапувано светски имиња од типот на The Rolling Stones, Lenny Kravitz Armand van Helden, Madonna,David Morales…

На ова место во времето од 14 до 16 јули се собраа повеќе од 40.000 луѓе каде на шест сцени настапија имиња како Black Coffee, Jeff Mills, Skrillex, Lost Frequencies, Stereo MCs. Ова беше добра причина да се присуствува на третото издание на Sea Dance Festival или како го нарекуваат “Exit на мору”.

Замислете идеално испланиран продолжен викенд. Одлично друштво кое оди да посети некој од летните настани кои се во изобилие, топло море, бикини и жешко сонце! Меѓутоа летото на моменти знае да биде сурово и се она што сте го замислувале и кое ви го дига адреналинот да го испере некоја морска олуја. Не се предавајте лесно и секогаш бидете спремни да му пркосите на секој предизвик. Лошото време може да ја смени, но не и да ја уништи забавата.

По шестчасовно возење низ Косово и Албанија, некаде на пладне го пиевме кафето за добредојде на видиковец од кој имавме преглед на целата плажа. Иако времето беше пеколно жешко, ни најмалку не го чувствувавме заморот, ниту пак и пречеше помислата дека за кратко време, во вакви услови, ќе го поставуваме нашиот шатор кој ќе биде дел од џунглата шатори на полјаната до “mains stage”(главната сцена). Иако на почетокот не се снаоѓавме најдобро во делот со дочекот, љубезноста на организаторот направи да се почувствуваме добредојдени. После долго и макотрпно поставуање на шаторот под најголемото сонце, бевме спремни да се запознаеме со околината, распоредот на бините, да се сретнеме со пријателите и секако, да го пробаме локалното пиво. Не изостана и првото разладување во Јадранското море.

Како наближуваше вечерта во кампот се чувствуваше нетрпение и возбуда во очекување на официјално отварање на фестивалот. Главната сцена на која имавме поглед од “дворот” на нашиот шатор ја отворија S.A.R.S. кои во препознатилив стил и со добро познатите песни ги заслужија овациите на публиката. Нашето расположение беше доста “техно” и најголемиот дел од времето го поминавме на „Dance paradise“ бината. Вечерта ја продолживме со Black Coffee, во добро познат “house” и “deep house” стил дополнет со “afro techno” како добар вовед и загревање. Понатаму бината ја презеде Kritijan Molnar, познат диџеј од Србија во чиј стил доминира „tech-house“ музиката, кој беше пријатно изненадување со својот перформанс.

Првото утро во кампот се чувствуваме доста пријатно, свежо и опуштено. По редовните утрински активности почнаа плановите за тоа што ќе не очекува подоцна во денот. Временските услови почнаа да се менуваат. Небото личеше на шаренило од облаци низ кои на моменти сонцето успешно продираше. Денс сцената почнуваше со програма уште во пладневните часови каде перформанс имаа локалните диџеи. Меѓутоа како што времето знае да изненади, не знае никој друг. Мекото летно небо се претвори во тотално сивило и наеднаш започна силен дожд и ветер кој нагло го менуваше правецот. Во видното поле можеше да се видат избезумени луѓе кои трчаат кон било какво засолниште, цврсто ги држат шаторите и не внимаваат дали ќе се намократ туку гледаат ветерот да им оддува што помалку работи. Можеби поради ваквите прилики името на фестивалот е „Sea Dance“ –  веројатно и морето беше љубоморно на доброто расположение во кампот и на фестивал, па реши да направи свој перформанс.

Успеавме да го преживееме првиот бран. Растрчани да видиме што остана суво од работите во кампот, почна санирањето на штетите. Успешно. Но, само што здивнавме малку, повторно удри нов мокар бран. Вечерта наближуваше, а и во такви услови организаторот извести дека фестивалот продолжува со скратена програма, односно активни ќе бидат две бини, „Main stage“ и „Dance arena“. Вечерта ја отворија Who See, хип хоп група од Црна Гора кои ја расположија публиката со класичен бунтовен ритам и ги освоиј симпатиите. Забавата продолжи со енергичен перформанс на светски познатите Stereo MCs , додека фронтмнот на групата Rob Birch ја повикуваше публиката да не дозволи дождот да го расипе расположението извикувајќи “let me feel your energy”. Следен на сцена настапи „drum and bass“ диџејот Andy C (Andrew Clarke), добро познат на љубитлите на ваквиот стил на музика. Потоа се упативме кон „Dance arena“, но веќе во еден часот по полноќ, бината беше затворена.

Последниот ден временските услови се подобрија, но сепак дождот „демнеше“ над кампот. Иако на моменти знаеше да заврне, организаторот успеа да ги оспособи сите бини. На Денс сцената група од педесетина ентузијасти на кои не им сметаше дождот уживаа во „deep house“ ритамот на Lea Dobricic. Веќе беше јасно дека официјалниот распоред е целосно нарушен. Како наближуваше ноќта, местото на Lea Dobricic го презеде црногорскиот диџеј P.S., кој имаше B2B настап во живо, ненајавено и за прв пат. По неколку часа без дожд плажата каде беше сместена оваа бина почна да се полни со луѓе. Програмата продолжи со Radial Tone, а доцна во ноќта и со Mladen Tomic и Marko Nastic. За добар крај на забавата, како што беше најавен, настапи ветеранот Jeff Mills со кој во „Detroit techno“ расположение беше дочекано изгревањето на сонцето.

Доста истрошени по напорниот ден успеавме да се одмориме и со нови сили и интересни спомени да тргнеме назад, на пат кон Скопје.

За фестивалот Sea Dance се врзуваат интересни факти. Кратко по неговото започнување да се одржува како манифестација Sea Dance Festival е избран за најдобар фестивал во рамките на Европа во категорија до 40.000 посетители дневно. Наградата е доделена на натпреварот “European Festival Awards”. Еден од најпопуларните турискички водичи „Lonely Plane” во 2015 година плажата Јаз ја има прогласено за најдобра во Еврпа, во категорија за забава и летна авантура.

Александар Стојановски