Радио МОФ@Д Фестивал: Кога ништо не оди по план, се случуваат ноќите кои секогаш ќе ги паметиме

„После дождот изгрева сонце“, вели една од најцитираните и најклише латински поговорки. Е па, слично и последната вечер на Д Фестивал, не изгреа сонце, но поради дождот и неволјата која ги снајде организаторите, се случи најубавата и непланирана, барем за мене, фестивалска вечер.

Времето годинава го мразеше Д Фестивал. И покрај вистински шарената музичка и забавна програма, врнежите и студот натераа голем број посетители да останат засолнати во своите шатори и соби, наместо да се забавуваат на некоја од повеќето сцени до утрото. Особено студено беше последната ноќ, а поради најавите за обилни врнежи голем дел од настапите беа откажани. Оние најдоследните, кои решија сепак да ги испочитуваат своите фанови, имаа различно место и време на настапот. Но, најубавите нешта се случуваат непланирано!

Наместо на полноќ, од девет часот својот концерт го одржаа Архангел. Иако во Дојран беше само 15 степени, а стотици кампери не беа подготвени за таков студ, на концертот беше и повеќе од топло. Топло од љубов!

Од „Заумна сила“ до „Рубин кармин“, до играње, пеење и „headbanging“ на Uber Makedonische, публиката беше едно со Ристо Вртев и неговиот нов бенд. Со шарен репертоар и нов аранжман на стари песни со кои пораснаа и созрејаа десетици генерации во земјава, бендот одржа концерт кој ќе се памети, делумно и поради условите во кои се одржа и и покрај сè не потфрли да нахрани со прекрасна, позитивна енергија.

Момент кој со сигурност ќе го паметам цел живот е кога публиката во еден глас, со неверојатна инерција почна да ја пее „Милион долари“, грмејќи во придружба само на гитара. И тогаш, Ристо Вртев и целиот негов бенд, освен гитаристот, си заминаа од сцената, препуштајќи ни ја нас, илјадници грла во некоја чудна, речиси неверојатна синхронизација. Ретки се таквите моменти на едност и сплотеност со луѓе кои не ги знаеш, но во тој момент сте сите поврзани и се чини сите чувствувате исто. Се ежам само кога мислам на тоа.

После маестралниот концерт на Архангел, на главната бина следуваше настапот на Егоритмија, кој според програма требаше да ги забавува камперите до зори на Lake Awake сцената. Јас, како вечно скарана со трансот, иронично паднав во транс кога видов дека сепак ќе се одржи настапот на Ali Farka Tourè Band, но во црквата Св. Илија, инаку резервирана за кино проекциите на МакеДокс. Сцената беше надреална – бела црква со високи сводови, секакви луѓе замотани во вреќи за ѓубре, со триста слоеви облека едно врз друго, отпрвин збунети и скептични. И одеднаш, ги слушате сировите звуци на блуз гитара, ги гледате насмевнатите маестра од Мали, и веднаш ве фаќа некаква заразна енергија. Заборавате дека надвор светот се превртел наопаку, играте, се смеете, мижите, музиката ве води. Како за човек кој е сè спротивно од религиозен, прв пат во црква почувствував духовен мир и задоволство. Африканската музика секогаш го вади човекот од тебе, прави да се чувствуваш некако исконски, те соголува до чисти емоции. Ме радува што ја има почесто и не мора да го чекаме само OFF Fest за да слушаме светска музика.

Тоа што бендот настапи на многу помала и поинтимна сцена одошто беше планирано, секако придонесе да се осети нивниот настап како што треба – близу, достапно, отворено. Тие и самите играа и пееја мешајќи се меѓу публиката, а им се придружија и колегите и сопатници од Terakaft, уште еден бенд од Мали кој настапи во саботата.

Вистинско освежување беа и Meszecsinka, Унгарците кои направија неверојатна фузија од етно, џез, па сè до елементи на прогресивен метал и традиционални песни отпејани на сосем невообичаен начин од грлото на заносната пејачка, чиј настап беше сласт за очите, колку и за ушите поради нејзиниот стомачен танц.

Во кратки црти – она на што му се пишуваше да биде пропадната вечер, за мене беше најдобриот помин на Д Фестивал. Плановите речиси никогаш не доведуваат до задоволство, па зошто да не? Ако требало така, нека врне и догодина.

Стефанија Тенекеџиева