На вториот фестивалски ден, Д Фест привлече уште поголем број на гости, иако временските услови повторно никому не му беа во корист. Сепак, Terakaft, Koop Oscar Orchestra и Rudimental DJ направија забава која ќе се памети.
Денот во кампот беше исполнет уште од пладне: со неколку изложби, дебати, работилници и „забавни катчиња“ со друштвени игри и простор за вежбање.
На Mosquito Stage во самиот камп уште од попладенто почнаа настапите на The Local Blue, Sweet Rapscallions, The Planktons, Дивизија и Contact 59, чии звучници „грмеа“ некаде до пред полноќ.
Во меѓувреме, откако се смири дождот, долгата ноќ на главната сцена започна со Black & Vice Social Club, чии жесток гитарски звук одлично се вклпи со грмотевиците и природното лајт-шоу во позадина.
А, потоа се случи вистински неверојатна транзиција – гостите од Мали, Terakaft, со својот туарешки блуз чиниш го стоплија и разиграа Дојран, барем на момент правејќи го сосема поразлично и поведро место. Иако поголем дел од публиката пристигна подоцна за „хедлајнерите“ Rudimental, барем за мене, концертот на Terakaft беше најубавото нешто што го слушнав таа вечер.
Со карактеристичен звук на електричната гитара, изразита бас линија и традиционална африканска перкусија, иако ненакитен со електроника, премногу инструменти и текст кој публиката би го разбрала, Terakaft звучеа искрено и сирово, бидејќи свиреа од срце. А, вистинските љубители на музиката тоа не можат да го игнорираат.
По Terakaft, вистинско освежување беше настапот на Koop Oscar Orchesta. Публиката танцуваше, потпевнуваше и се забавуваше и под дождот со интересната комбинација на шведска хармоника, електроника и џез. Заводливата Jazzu пееше со публиката во еден глас, а секој од музичарите ги доби своите пет минути за да го покаже својот талент.
Вистинскиот наплив на гужва се случи пред настапот на Rudimental DJ сетот, веројатно најшироко познатите изведувачи на втората фестивалска вечер. Иако привлекоа голем број посетители од блиски градови и имаа сет во кој беа вклучени нивните најголеми хитови, би рекла дека нивниот настап едноставно не е “my cup of tea”. Музичките имиња кои се познати пред сè поради нивните дела со вокалисти, никогаш не звучат исто кога само имаат DJ сет.
После нивниот сет, следуваа диџеите на Антена 5 радио на главната сцена. На Lake Awake сцената, пак, како што кажува и самото име, беше будно до седум часот наутро, а се слушаше техно. За љубителите на алтернативата, секогаш е тука шанкот на „Браво“, каде до зора се слуша рок, панк и „музика за несфатените“.
Вечерва е последната фестивалска вечер, а тридневната забава ќе заврши со концерти на String Forces, Ali Farka Tourè Band и Архангел.
Стефанија Тенекеџиева