Радио МОФ со волонтерите од Црвен крст низ лавиринтите на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“

Лавиринт од улици, згради и бараки, стотици пациенти и автомобили, огромни гужви и хаос. Вака денес изгледа комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Нервозата кај пациентите е постојана од моментот кога влегуваат во комплексот па се додека не излезат. Дополнително нервира фактот што е премногу тешко да дојдете до соодветната клиниката или одделение кое го барате во целиот тој „лавиринт“ и гужви.

Поттикнати од целата оваа хаотична ситуација, Црвен Крст – Скопје неодамна започнаа иницијатива за давање насоки и помагање на пациентите и посетителите во болниците. Проектот кој го спроведуваат во соработка со Министерството за здравство има цел да им помогне на сите оние кои не можат да се снајдат низ коплексот.

Почнувајќи од пред околу две недели, на седум пунктови распоредени на различни локации низ Kлинички можете да наидете на некој од петнаесетте волонтери облечени во црвените униформи на Црвен Крст. Ним може да им се обратите со било какво прашање доколку не можете да го најдете потребното место, клиника или одделение каде треба да отидете.

„Ние сме дел од Kлубот на млади на град Скопје“, вели Синиша, еден од волонтерите кој го затекнавме на пунктот на клиниката за хируршки болести. „Тоа е еден од локалните младински клубови кои се дел од Црвен Крст што делува на територија на град Скопје“.

Нивна задача е да ве упатат до бараната локација, односно клиника, а за таа цел имаат направено мапа на целиот комплекс на која се означени сите згради, улици, патчиња и потребни информации. Овие клубови, составени од млади волонтери на возраст од 16 до 30 години, работат и на разни хуманитарни и крводарителни акции, концерти, претстави и слични активности.

„Јасно ни беше дека ваква иницијатива е потребна во Клиничкиот центар“, вели Сања, исто така волонтерка во Црвен Крст. „Ако не знаеш точно каде се наоѓа секоја болница, нема шанси да се снајдеш овде“.

На ова се согласија и другите волонтери. Тие пред да започнат со овој проект имале неколкудневна обука на која го осознале целиот комплекс. Пациентите кои не доаѓаат редовно на клиника, велат волонтерите, буквално се губат низ целиот простор.

„На почетокот голем дел од пациентите беа зачудени и не знаеја зошто сме тука“, објаснува Сања, исто така волонтерка од ЦК.

За време на нашиот разговор со нив покрај нас поминаа стотици луѓе, но никој не побара помош од нив. Освен еден случаен минувач кој ги запраша дали се тука за дарување крв. Ваквите ситуации, тие признаваат, се чести. Луѓето имаат потреба од нивната помош, но не им приоѓаат затоа што не знаат дека токму тие се тука за нив.

„По некое време ние почнавме да им приоѓаме на оние кои ни изгледаа како да се загубени и ги прашувавме дали им треба помош“, објаснува Сања. Таа заедно со Андријана, двете волонтерки од Црвениот крст, им помагаа на пациентите на Одделението за кардиологија.

 

„Пациентите брзо сфатија дека ние сме тука за да им помогнеме и да ги упатиме, па полека почнаа и самите да ни приоѓаат и да не прашуваат за локациите на одделенијата кои ги бараат“, дополнува волонтерката. „Од почетокот на на овој проект, од нас помош побараа повеќе од 3000 лица“.

Волонтерите нагласуваат дека комплексот „Мајка Тереза“ има навистина сериозен проблем со инфраструктурата и преголемите гужви, но и со недостатокот на патокази и ознаки за тоа кое одделение каде се наоѓа. Ситуацијата која Радио МОФ ја затекна на терен ги потврдува овие ставови. Уличките кои и онака се мали се исполнети со паркирани автомобили, а ознаки за тоа која клиника каде се наоѓа речиси и да нема. Дел од патоказите, односно таблите со ознаки за локацијата на некои одделенија се стари, нечитливи и покриени со обраснати дрвја.

Како што велат и од Црвен Крст, токму тука каде треба брзо и лесно да ја најдете потребната локација, граѓаните трошат повеќе од половина час барајќи ја.

Додека разговаравме со Синиша пред една од клиниките се случи токму онаа ситуација од која сите се плашат во хаотичниот комплекс. На лентата наменета за возила од итната помош беа паркирани неколку автомобили на граѓаните кои го блокираа влезот. Токму во тој момент пред болницата дојде амбулантно возило кое требаше да се паркира пред влезот на болницата, но не можеше бидејќи автомобилите го имаа зафатено целиот простор. Беа потребни околу пет минути да се тргнат сите кои го блокираа влезот за да се ослободи лентата за амбулатното возило.

Ваквите ситуации не се само фрустрирачки за сите кои се наоѓаат на местото, туку можат и да завршат трагично. Амбулатното возило превезува пациенти во критична состојба кои најчесто ги немаат тие пет минути за чекање, иако овојпат за среќа не беше тоа случајот.

„Вакви работи се случуваат цело време ама никој ништо не презема“, вели Синиша.

Проектот на Црвен Крст е почетна точка во решавање на ваквите проблеми, но се чини дека е потребна поголема промена за повторно да се воспостави ред во комплексот. Во меѓувреме, волонтерите во црвени униформи стојат на располагање секој ден од 8:30 до 12:00 часот. Нив ќе ги најдете на влезовите на клиниките на своите штандови каде ќе ве пречекаат со информациите кои ви требаат.

Проектот кој започна месецов е предвидено да трае до декември годинава.

Георги Божиновски