Радио МОФ од Мелт: Еуфорична забава со M.I.A и Glass Animals

Јубилејното дваесетто издание на MeltFestival го започнавме покрај плажата на езерото Гремин, каде што францускиот DJ и продуцент Agoria веќе ги забавуваше првите гости на фестивалот уште во раните попладневни часови.

Плажата, сонцето заедно со препознатливите хаус звуци овозможија совршено отвoрање на првиот фестивалски ден.

Попладнето го продолживме во малку поинаков правец , каде што на главниот Melt стејџ го проследивме настапот на џез саксофонистот Kamasi Washington кој со својот бенд приреди вистинско уживање за љубителите на џезот.

Американското електро-поп дуо – Sylvan Esso, миленици на помладата публика, донесоа младешка свежина и разиграност. Креативни знамиња, откачени облеки и светки, како и нежниот глас на пејачката Amelia Meath беа во преден план.

Конечно дојде време и за Glass Animals, првиот хедлајнер на вечерта, кој беше и еден од нашите фаворити. Англиската четворка од Оксфорд со својата мешавина на откачени звуци и ритмови ги натераа дури и најрезервираните посетители да се натанцуваат.

По кратка пауза, дојде на ред M.I.A, најзвучното име на првата фестивалска вечер, која како и секогаш со својата танчерска придружба приреди вистинско шоу. Дури и дождот кој започна за време на нејзиниот настап не ја обесхрабри насобраната публика, туку напортив само ја зголеми веќе присутната еуфорија.

Приморани од дождот, првата фестивалска вечер ја завршивме проследувајќи го настапот на HVOB & Winston Marshall. Пријатно изненадени од нивниот настап и по малку накиснати, заминавме да полниме батерии за денес.

Денес не очекуваат Bonobo, Hercules & Love Affair, GusGus и многу други.

*Од Мелт фестивал во Германија, за Радио МОФ, Сања Стефановиќ и Марко Димитровски