На вчерашната, четврта вечер од 39-тото издание на МОТ, публиката имаше можност да ги погледне претставите „Тант’амати“ и „Трговците“.
Неверојатно префинетата „Тант’амати“ го прикажува животот на еден брачен пар преку суптилна анализа на нивните меѓусебни односи и секојдневните настани. На сцената која го претставува нивниот дом, но истовремено и еден лавиринт на кој се навикнале, актерите Ерика Зуенели и Себастијан Јакобс одлично ни ја прикажаа тишината населена во брачниот живот на ликовите.
Иако акцентот во претставата беше ставен на домашниот однос на карактерите, Зуенели со нејзината грациозност и Јакобс со одлично изглумената едноставност и незаинтересираност, беа забавни за следење дури и во репетитивните моменти на приказната.
Различно од многуте претстави инспирирани од животот во брак, во „Тант’амати“ немаше „длабоки“ објаснувања за тешката тишина и тензични дијалози. Напротив, Zueneli и Jacobs молчеа во поголемиот дел од претставата, зборувајќи само тогаш кога беше неопходно. Изговарајќи ги единствените четири реплики на македонски, актерите измамија насмевки од публиката, а зборовите „Сеедно ми е“ одѕвонуваа во салата на Драмскиот театар.
Уште една од низата невообичаени карактеристики на „Тант’амати“ е фактот дека нуди 2 различни, речиси комплетно спротивни и заемно исклучливи, линии на анализа. Според едната, брачниот пар функционира совршено, се имаат синхронизирано низ годините заедно, а малите промени во нивниот однос се всушност неочекувани пречки на патот кои со леснотија ги надминуваат. Според другата, тие веќе одамна се имаат разделено и сите промени се очајнички обиди за повторно оживување на љубовта меѓу нив.
Кршливоста на машкиот и анксиозноста на женскиот лик се изненадувачки различни од сите уметнички прикажувања на истите, за сметка на стереотипниот пристап кон проблемите: жената е онаа што се труди, мажот ги крие чувствата во себе до точка на кршење. Сепак синхронизираноста на Зуенели и Јакобс во тишината и нивното блаженство во одлично аранжираната сцена ни за миг не беше нарушена, дури и од бројните „крцкања“ од публиката.
На официјалната програма за вчера вечер беше поместена и претставата „Трговците“. Режирана од Беким Луми, претставата се потпира на текстот „Во самотијата на памучните полиња“ од современиот француски писател Бернар-Мари Колтес. Користејќи експериментален пристап, „Трговците“ го анализира феноменот на склопување договор, како и врската помеѓу трговецот и клиентот, на неколку различни нивоа. Сексот, дрогата и оружјата како главна стока за трговија ги отелотворија младите и талентирани актери од Лабораторискиот театар Лоја.
Тоа што ја прави „Трговците“ интересна за гледање се индивидуалните карактери кои што секој од актерите умешно го живее на сцената. Проследивме една до некаде „класична“ поделба на улогите. Еден бесен „бик“, кој тргувајќи со својата сексуалност, ги кршеше сите правила и не попушташе пред ничие барање. Една лукава „лисица“ која не поседува никаква моќ освен елоквентноста, па на било каков напад ја брани својата алчност со „медени“ зборови. Еден „мајмун“ (или во популарна култура, кловн) чиј што главен атрибут е гласноста и забавувањето на другите. Овие три се дополнети со најтивкиот карактер на сцената (би претпоставиле, „антилопа“) – не влегува директно во конфликтите, ги критикува и „подучува“ другите, а сепак смета дека неговиот свет е поинаков од нивниот. Оваа одлична комбинација од 3 + 1 која ја избрал Луми одлично ја деконструира (не)легалноста на тргувањето, како и неговата морална и филозофска позадина.
Заокружена со постојаната несиметричност на формациите на сцената, претставата имаше за цел да ја покаже „неизлечивоста“ на незаконската трговија како и штетните ефекти од интеракциите меѓу нееднаквите. На моменти тешка за следење, поради бројните физички движења на актерите и несоодветно адаптираниот текст на македонски, „Трговците“ ги натера присутните да се запрашаат зошто работите се одвиваат баш така во овој „темен циркус“.
Јована Ѓорѓиовска