[Рецензија] Радио МОФ @ МОТ – Црвената шума

„Црвената шума“ во продукција на Белорускиот слободен театар, раскажува една модерна легенда на 21-виот век, фокусирајќи се на смртоносниот коктел на човечка негрижа и природни катастрофи. Претставата синоќа се одигра на сцената на МКЦ во рамки на 40-тото издание на МОТ.

Напишана и режирана од Nicolai Khalezin, претставата е мешавина на вистинити приказни од целиот свет чија заедничка (но недоволно силна) нишка е болката на миграцијата. Неподносливата болка на барањето нов дом, подобар од местото на кое ликовите во претставата го граделе својот живот се до моментот кога страдањето станало неподносливо и веќе немало назад.

Двата главни столбови во „Црвената шума“ се актерите Jeremy Proulx, кој во својата улога на Златниот орел маестрално раскажува за прогонот на неговиот народ од Островот на желките, и Michal Keyamo, која потресително го игра прототипот на жена која пати за да ги заштити своите сакани. Останатите актери се редуцирани на огромна физичка енергија, претопени во ритуален танц и безимени улоги на силувачи, војници, мигранти. Па така претставуваат само нема илустрација на раскажаните приказни, пропратени со одличен дизајн на звукот.

На видеобимот над сцената се проектирани снимки од небото над дестинациите на оваа болна прошетка низ светот: Брегот на слонова коска, Алжир, Шпанија, Чернобил.. Се поставува прашањето како и зошто се одбрани токму овие места, но за жал  претставата не го дава очекуваниот одговор. Наместо тоа, од публиката се очекува молчелива емпатија со страдалниците и пополнување на дупките во приказните со информации малку достапни во регуларните медиуми и учебници по историја. Недостига една силна и кохерентна водилка која ќе го намали впечатокот дека наместо претстава, присутните гледаат патопис кој се фокусира на географски дестинации погодени од природна катастрофа.

Дополнително, не можев а да не забележам дека трупата има голема уметничка сензитивност за добро осмислени метафори. Претворањето на само што починатото дете во земја, користењето на блокови книги наместо камења за поминување над вирот вода, повикувањето на дождот како прочистувач на злите нешта, истовременото раѓање на белите мажјак и женка бизони се само неколку од метафорите кои како да беа додадени во приказната (веројатно за поголем уметнички ефект) и потоа само „протрчани“.

Чудната комбинација на „патописниот“ пристап, малку мистицизам и (псеудо)спиритуалност, како и недоволно обработените метафори, ја носат претставата кон антиклимакс, на граница со кичот, воајеризмот или уште построго, територијата на “l’art pour l’art” пристапот.

Ризикувам да звучам строго со тоа што ќе кажам дека начинот на кој што беше прикажана човечката болка не беше доволно прецизен, моќен, брутален. Болните приказни бараа поголема емоционална вклученост од вообичаеното концентрирање на уметничките решенија, но претставата сама по себе е импотентна да поттикне вистинска промена, разредена со поетична неизвесност и заглавена надвор од светот кој бара опипливо влијание на уметноста.

Јована Ѓорѓиовска