Радио МОФ и Нова ТВ за подобро граѓанско општество

Неколкумина ентузијасти, два веб портали и единствена желба- да им се врати гласот на граѓаните, да се чујат нивните размислувања, потреби и проблеми во време кога овој глас останува на маргините.

Радио МОФ и Нова ТВ за подобро граѓанско општество

Нова ТВ и Радио Моф, започнуваат заеднички проект за развој на граѓанското општество. Целта е не само декларативно, туку реално да се обидеме да ги допреме вистинските проблеми на луѓето околу нас, да ги раскажеме нивните животни приказни и да се обидеме да најдеме решение за подобро утре.

Да, тоа ќе значи истовремено и разбивање на илузијата за совршеното демократско општество која можеби сакаат да ни ја продадат политичарите, но доаѓа време кога и тие ќе треба да се спуштат на „земја “ и да разберат дека постојат за да ги бранат интересите на своите гласачи, а не спротивното.

Транзицијата и тапкањето во место ги умори македонските граѓани, станаа апатични и уверени дека немаат никаакво влијание врз општествените случувања. Постои страв од јавно говорење, но и силен револт од нештата кои не туркаат кон бездна. Општеството е поделено, но проблемите се исти, граѓански, човечки.

Свесни сме дека овој проект нема да предизвика револуционерни промени, но остануваме уверени дека наша должност е да работиме на промена на перцепцијата кај обичните луѓе, да ги охрабриме граѓанските здруженија и да бидеме гласот на оние кои немаат друг избор, освен да молчат.

Овде ќе може да се слушнат студентите, екологистите, ЛГБТ заедницата, сексуалните работници, борците за човекови права, хуманитарните работници но и размислувањата на нашите соседи, пријатели или познаници кои сакаат поубава населба, почист воздух, подобри болници или училишта..

Затоа и ги повикуваме невладините организации, формални и неформални граѓански здруженија, но и сите граѓани кои имаат идеи, проекти, активности и желба за подобро живеење, заедно да соработуваме и да се бориме против неправдите и дискриминацијата.
Сите текстови, аудио и видео прилози ќе може да се најдат во делот „Граѓани“ на Нова ТВ и на сајтот на Радио МОФ.

Се надеваме на долга и успешна соработка, но и на промени кои допрва ќе се случуваат во нашето општество.

Јасмина Јакимова