Радио МОФ @ Cinedays: „Vir“

Радио МОФ @ Cinedays: „Vir“            Вториот ден на овогодинешното издание на Cinedays  го одбележа фантастичниот филм „Vir“. Филм направен со буџет помалку од 300.000 долари, во режија на Бојан Вук Косовчевиќ и прикажува три приказни во средината на деведесети во Белград. Станува збор за тројца другари од детството Богдан, Кале и Гроф, за траумите низ нивниот живот и 48 часовното испреплетување на настаните.

Филмот е поделен во три сегменти, кои од сурова реалност ескалираат до шизофренија. Приказната започнува со „Корените на омразата“ и Богдан (Небојша Џорџевиќ) кој е водач на една група скинхедс кои ги малтретираат сите што не се како нив. Проблемите на Богдан започнуваат кога при бегање од полицијата ќе се сретне со неговата стара љубов Мира (Марина Воденичар). Гледајќи ја Мира како начин и причина за да се промени, Богдан почнува да пропаѓа уште подлабоко во својот гнев од моментот кога ќе биде откачен од нејзина страна (поради нејзиниот дечко Кале). Со флешбек е покажан коренот на неговиот гнев и омраза, физичкото и психичкото малтретирање од страна на неговиот татко (Емир Кустурица) кое го доведуваат до кроење на ужасна судбина.

bogdan

Вук потоа тоа не носи во вториот дел т.н. „Самракот на идолите“ кој ја следи приказната на Кале (Срѓан Пантелиќ), дечкото на Мира кој е легендарен мафијаш во Белград. Со себе носи репутација на неуништлив, но и дека е малер (секој што одел со него во престрелки умирал, а тој излегувал без гребаница од нив).  Прогонуван од духот на неговата убиена сестра Нада (Ивана Јовановиќ), убиена ненамерно од негова рака, одбива да ги согледа излезите кои му ги нудат Мира и неговиот чичко (Драган Николиќ). Исто како и Богдан, така и Кале на краток момент ја добива илузијата на подобар и посреќен живот, но со зборовите на чичко му: „Сега е веќе доцна…“.

kale

Финалниот дел „Вител“, се сели во умот на Гроф (Ненад Окановиќ) кој се наоѓа во центарот на сите три случувања. Траумите од војната  го довеле овој уметник до шизофренија. Неговото гледање на сите случувања се обидува да го претвори во голем мурал на кошмарен вител, потпомогнат од духот на неговиот соборец (Александар Марковиќ), притоа објаснувајќи го единствениот начин да се спасиш ако бидеш фатен во него (Зануркај до дното, не се бори, и кога ќе дојдеш до крајот, каде што е најслаб, оди на страна и излези од него). За разлика од Богдан и Кале, воден од хоророт на војната, насекаде гледајќи ужасни лица и тела во распаѓање, смета дека со завршување на вителот ќе најде спас, со тоа што е прикажана надежта за пронаоѓање излез.

grof

Режисерот ги испреплетува трите приказни одлично (суптилно, не многу агресивно) и нелинеарното раскажување потсетува на моменти на Тарантино. Исто така, кратките улоги на фантастичните Емир Кустурица, Драган Николиќ и Мирјана Карановиќ му додаваат посебен вкус на филмот. Глумата на сите ликови е одлична, а за ефектите не се зборува- изгледаат како да се од високо буџетен холивудски филм. Го оценувам со 9/10 и со нетрпение го очекувам следниот проект на овој режисер.

Николај Митрески