Радио МОФ @ CINEDAYS – „Only lovers left alive“

Радио МОФ @ CINEDAYS – „Only lovers left alive“Петтиот ден од овогодинешното издание на Cinedays го одбележа филмот на Jim Jarmusch „Only lovers left alive“. Во 20 часот, кино Милениум беше исполнето до последното седиште.

Најавата за филмот гласи: Љубовна приказна на два вампири низ вековите… Немојте да ве излаже насловот, ова е далеку од Twilight. Jarmusch претставува романтичен филм со голема доза на уметност и страшно добра музика, се сместено во мрачните делови на Детроит. Во главните улоги се Адам (Tom Hiddleston) и Ева (Tilda Swinton), двајца вампири кои се заедно низ вековите, а се однесуваат како штотуку да се вљубиле.

Адам е музичар кој живее повлечен живот во Детроит, на моменти, и според однесување и според изглед потсетува на емо хипстер. Колекционер е на стари гитари (кои му ги носи Иан (Anton Yelchin), креира фантастична музика, но одбива да ја продава или да добие признание за неа. На другата страна на светот е Ева, која живее во Тангер, Мароко, место каде што е екстремно тешко да се најде „чиста“ човечка крв. Тоа го постигнува со помош од Марлоу (John Hurt), нивен заеднички пријател уште од времето на Шекспир. Од друга страна пак, Адам добива „добра“ крв од корумпиран доктор (Jeffrey Wright) без некои потешки проблеми.

"only lovers left alive"

Во еден момент, Ева решава да се врати кај Адам во Детроит, каде што повторно нивната љубов еруптира. Уживајќи во одличната музика, уникатната атмосфера на Детроит и „чистата“ крв, се потсетуваат на прекрасните пријателства што ги оствариле низ историјата (компонирање со Шуберт, играње шах со Бајрон итн.). Се тоа наеднаш прекинува, кога пред нивната врата се појавува Ава (Mia Wasikowska), непосакуваната сестра на Ева, која ќе им го искомплицира животот до самиот крај.

Радио МОФ @ CINEDAYS – „Only lovers left alive“Ова не може да се нарече љубовна драма, зашто не е тоа. Станува збот за филм на Jarmusch, тоа значи дека треба подлабоко да се толкува. Дали ќе зборуваме за крвта и потребата како паралела на дрога или дали ќе зборуваме за зомбификацијата на луѓето (и како се самоуништуваат) се е оставено на гледачот. Преку ликот на Адам се добива импресија како Jarmusch да си прави автобиографија (повлеченоста, не стремење кон комерцијален успех итн.). Глумата на сите ликови во филмот е фанатастична, потпомогната од атмосферата на мракот и бавната рок ен рол музика  што тече низ целиот филм.

Би го оценил со 7/10 и би го препорачал на сите кои сакаат бавни филмови со голема тежина и одлична музика, но ако очекувате нешто сосема трето (читај акција со вампири или пак ќе споменам Twilight) одбегнувајте го филмов.

Николај Митрески