[Радио МОФ @ Астерфест] Kреативни документарци и нови кратки македонски филмови

poop on povertyПрвиот блок од програмата на третиот ден од интернационалниот филмски фестивал АстерФест беше посветен на креативните документарни филмови.

Според селекцијата на Гена Теодосиевска, публиката имаше можност да проследи 5 филма: италијанскиот „Рафаеловиот пат“ на Alessandro Falco, израелско-канадскиот „Калуш што го мислев дека го познавам“ на Bernard Dichek, индискиот „Poop on poverty“на Vijay S. Jodha, босанскиот „Небо“ на Dinno Kassalo и холандскиот „Звуците за Мазин“ на Ingrid Kamerlink. Иако најкраток во овој блок, дефинитивно највпечатлив беше индискиот „Poop on poverty“ кој највистинито го следеше документарниот пристап кон случувањата. Во останатите филмови камерата не беше само нем сведок на настаните, туку се чувствуваше големо влијание на теататралната обработка на темите.Социјалните врски и интензитетот на емоциите кои обично се сметаат и претставуваат како комплицирани, во „Звуците за Мазин“, потпомогнати од трогнувачкиот аудио дизајн, беа „исчистени“ од дополнителен товар и прикажани во нивната најчиста форма.

влакнаСледниот блок беше позитивно изненадување за целата публика. Беа проектирани 8 нови краткометражни домашни филмови: „(Не)нормален“ на Ице Виранов, „Намини бар еднаш“ на Косара Митиќ, „409“ на Даријан Пејовски, „Материјал за аудиција“ на Ѓорче Ставрески, „Влакна“ на Елеонора Венинова, „Човекот со чудна навика да ме удира со чадор по глава“ на Вардан Тозија, „Мал дисконтинуитет во време-просторот“ на Гоце Цветановски и „Синот/Violent youth“ на Марко Ѓоковиќ.

човекот со чудна навика „Човекот со чудна навика да ме удира со чадор по глава“ беше највеселиот филм во досегашната програма на фестивалот, изразувајќи сатирична приказна за секојдневието на еден неорганизиран младич. Не е чудо што ги доби и најпозитивните реакции од публиката, можеби поради тоа што лесно беше човек да се пронајде во главниот лик и да посака да го има немиот старец со чадор да му помага во животот. Од друга страна, „Синот“ беше остра критика на социјални случувања кои можат да се појават кога никој не обрнува суштинско внимание и грижа. Впечатлив момент во овој блок беше белегот на кинематограферот Димо Попов чиј стил се забележуваше во „Влакна“ и „409“ преку мајсторски изведените кадри.

Јована Ѓорѓиовска