Работното време на угостителските објекти од 21 јануари се продолжува до 21 часот, соопшти министерот Филипче

Угостителски објекти од 21 јануари ќе може да работат до 21 часот, наместо до 18 часот, како што беше досега, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче на неговиот Фејсбук профил.

Одлуката е донесена на денешната седница на Владата, а во неговата објава се посочува дека следната недела, откако ќе се анализира епидемиолошката состојба, можно е, како што објави, дополнително олабавување на мерките, односно, работното време на угостителските објекти да биде до 23 часот.

Денеска на седница на Влада, усвоивме предлог, од 21.01 работното време на угостителските објекти да биде до 21 часот….

Posted by Венко Филипче on Tuesday, January 19, 2021

Владата на Република Северна Македонија на 15 декември донесе пакет рестриктивни мерки, со кои, меѓудругото, го ограничи работното време на угостителските објекти до 21 часот, мерка за која најавија дека ќе важи во периодот од 18 декември до 20 јануари.

Покрај ваквата мерка, властите донесоа забрана за организирање новогодишни настани на плоштадите од страна на општините, забрана за организирање новогодишни и предновогодишни прослави од работните организации.

Истовремено, тие одлучија да им укажат на верските заедници да не повикуваат на масовни групирања и собири за време на празниците, а и препорачаа да нема собирање по домовите, ниту пак во викендиците.