Донесени нови рестриктивни мерки против Ковид-19 – угостителските објекти ќе работат до 18 часот

Угостителските објекти во периодот од 18 декември до 20 јануари ќе работат до 18 часот, наместо до 21 часот како што беше досега. Ова е една од мерките и препораките кои денеска беа донесени на владина седница по препораките на Комисијата за заразни болести, со цел спречување на ширењето на коронавирусот, информираа надлежните на денешната прес-конференција.

Истовремено, властите донесоа забрана за организирање новогодишни настани на плоштадите од страна на општините, забрана за организирање новогодишни и предновогодишни прослави од работните организации. Покрај ваквите забрани, властите одлучија да им укажат на верските заедници да не повикуваат на масовни групирања и собири за време на претстојните празници, но и препорачаа да нема собирање по домовите, ниту пак во викендиците.

Премиерот Зоран Заев посочи дека моментално се наоѓаме пред нов предизвик од битката со пандемијата.

„Соочени со изборот да продолжиме со превентивните здравствени политики и со чекори за излез од кризата, секогаш кога вакцината е на чекор до нејзината испорака или да влеземе во ризик со неодговорно празнување на новогодишните празници што се пред нас, Владата на денешната седница донесе одлука да ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести за нов пакет рестриктивни мерки и препораки за периодот од 18 декември до 20 јануари на полноќ, со цел да се избегне зголемувањето на бројот на заболени од Ковид-19 во претстојниот период на празници“, изјави Заев.

Ова е донесено со цел, како што рече Заев, „да издржиме сите уште малку пред ваквите рестрикции и да не дозволиме заради празнување да предизвикаме ескалација“.

Министерот за здравство Венко Филипче апелираше до граѓаните, по 18 часот без некоја голема потреба, да не се излегува од дома, за, како што рече, да се избегнат ризиците од формирање на групи на граѓани.

„Од денес ја започнуваме кампањата ‘Празнувај одговорно’ со која сакаме да ја подигнеме свеста на граѓаните за одговорно почитување на мерките, за заштита препорачани од КЗБ, да повторам, да нема групирање во домови, за слави и по друг повод, да нема групирање на јавен простор, да нема групирање по парковите, и да не се напуштаат домовите без некоја посебна потреба после 18 часот. Потребно е сите заедно да бидеме одговорни за важноста на овие мерки, но и да не дозволиме најубавите мигови во семејството да се претворат во лоши спомени, овој празничен период да прославиме одговорно, да ги почитуваме мерките за заштита и да мислиме на своето и на здравјето на нашите сакани. Славењето може да почека, здравјето не“, порача Филипче.

Од почетокот на пандемијата, досега се регистрирани вкупно 73.851 заразени лица со Ковид-19. Од вирусот досега починале 2.147 лица, додека оздравеле 50.046 луѓе. Бројот на активни случаи, сега изнесува 21.658.