Работниците најмногу пријавуваат отказ и вознемирување на работа, за одговор од инспекторат се чека и по 1 месец

Сто и осумдесет пријави за прекршување на работничките права пристигнале до Хелсиншкиот комитет за човекови права изминатава година. Од 1 октомври 2018 до 31 октомври 2019, правна помош побарале 7.596 работници од различни средини и сектори.

Според годишниот инфографик на Хелсиншки комитет, најголем дел од пријавите, вкупно 103, доаѓаат од Скопје, по што следува Тетово со 10, Кочани со 5 и Крива Паланка и Гевгелија со 4 пријавени случаи.

Најголемиот дел од прекршувањата биле поврзани со отказ и отказни рокови, вознемирување на работно место (мобинг), но и други прекршувања поврзани со скратено работно време во посебни случаи, ненавремено исплаќање плати, конкурентска клаузула,
колективно договарање, спогодбено престанување на работен однос, синдикати, вработување, боледување и слично.

Најмалку пријави има за дисциплински постапки, дискриминација и можност за постапка до Европскиот совет за човекови права.

Пријавите за прекршување на работнички права се застапени во речиси сите гранки, сепак најголем дел од нив доаѓаат од сферите на трговијата, образованието и градежништвото.

Во однос на работата на инспекцискиот надзор, до Државниот инспекторат за труд биле поднесени 77 барања за вонреден надзор од кои 32 се негативни, 20 се со позитивен исход, а за 25 нема информации.

Добар дел од барањата за вонредниот инспекциски надзор се однесуваат за исплата на регрес за годишен одмор, исплата на прекувремена работа, безбедност и здравје при работа, останати повреди на работнички права и нерегулиран работен однос.

Според Хелсиншки комитет, одговор од ДИТ по поднесено барање за вонреден инспекциски надзор вo најголемиот број случаи се чека од 30 до 45 денови.

Целиот инфографик е достапен на следниот ЛИНК.