Работилница за ангажиран филм на „Браќа Манаки“

Која е моќта на ангажираниот филм?
Колку уметноста може да ни помогне да размислуваме надвор од воспоставените граници?
Како преку филмот ја градиме нашата критичка свест?

Ова се дел од прашањата кои ќе бидат тема на дискусија во која ќе учестуваат директорката на „Браќа Манаки“, актерка и продуцентка Лабина Митевска, бугарската режисерка Андроника Мартонова и нашите режисери Марија Џиџева и Антонио Митриќески,  на работилницата за ангажиран филм „Booster movies workshop“ која ќе се одржи утре (среда) во 15.30 часот во Малата сала во Центарот за култура во Битола.

Работилницата, која е во рамките на 38. издание на „Браќа Манаки“ е дел од активностите на регионалната платформа за активизам „Лице в лице“, а е организирана во соработка со Partes Social Advertising и со програмата „Нови визии“, чија селекторка, Сунчица Уневска ќе биде модератор на настанот.

Гостите преку филмови кои самите ги избираат, ќе проговорат за ангажираноста во филмската уметност и ќе се обидат да поттикнат дискусија за прашањата поврзани со социјалната функција на уметноста, како и нејзината улога во генерирањето на позитивни промени во општеството.

На работилницата ќе присуствуваат и ученици од битолската гимназија „Јосип Броз – Тито“, кои исто така ќе бидат дел од дискусијата. На работилницата ќе се обрати Небојша Илијевски од Partes Social Advetising, кој ќе ја проблематизира тезата дека уметноста е цел самата на себе, со намера да покаже дека определени историски моменти бараат и ангажираност од  креативните работници.

– Во таква ситуација, на уметноста ѝ се наметнува дополнителна улога во општеството, улога на задвижувач, иницијатор, средство за промени на индивидуата како социолошко битие. Еднаш инфицирани со вирусот на активизмот во филмската индустрија, креативните филмски работници стануваат носители на истиот, носители на позитивните промени низ сопственото креативно делување – вели Илијевски.

Присутните ќе се задржат на разгледување на аспектите на филмот „Влакна“ на Елеонора Венинова, (кој ја имаше својата премиерна проекција во понеделникот), како и на „Златен кафез“ на Диего Квемада – Диез од Гватемала, филм кој е дел од програмата „Нови визии“.

Целта на „Booster movies workshop“ е да го насочи фокусот на креативните работници кон аспектите на филмската уметност кои можат да направат промени во општеството.