Три работилници во рамки на Наградата за социјално претприемништво за млади

Наградата за социјално претприемништво 2015 како натпревар и едукативна програма за поддршка на претприемачки идеи меѓу студентите и младите организира три бесплатни работилници во Штип (4 февруари), Тетово (5 февруари) и Скопје (6 февруари).

Аплицирањето за учество на работилниците е во тек, а може да се пријавуваат млади луѓе кои сакаат да ги развиваат своите бизнис идеи, а потоа и да се натпреваруваат со нив. Бројот на учесници е лимитиран на 40 по настан, по принципот прв пријавен – прв услужен. Учесниците на работилниците ќе имаат можност да ги научат за основите на социјалното претприемништво, да ги развијат своите бизнис идеи од почеток, како и да ги доведат до фаза каде истите може да се имплементираат. По завршувањето на работилниците, ќе биде објавен конкурс каде заинтересираните млади и студенти ќе имаат можност да се натпреваруваат со своите бизнис идеи кои имаат потенцијал да направат општествена промена. Со помош на стручно жири, ќе бидат избрани три победнички идеи.

Наградата за социјално претприемништво е најголемиот Европски проект за студентите на тема претприемништво. Проектот е основан и инициран од страна на Универзитетот за бизнис и економија во Виена и Impact Hub, а мисијата е да го промовира социјалното претприемништво меѓу студентите.

Вкупниот фонд за наградите во Македонија изнесува 6000 евра, патување во Виена за најдобрите тимови, менторство, инкубациски период и мноу други можности.