Работилница во Музеј на Македонија со деца со аутистичен спектар на нарушување, АДХД и Аспергеров синдром

Во Музеј на Македонија утре (21 септември) од 10:30 часот ќе се одржи работилница, дел од проект на Здружението „Во мојот свет“ наменет за 40 деца со Аутистичен спектар на нарушување, АДХД и Аспергеров синдром и родители, членови на Здружението.

Од „Во мојот свет“ нагласуваат дека активностите се спроведуваат во 4 групи, со 10 деца и 10 родители по група. Децата ќе изработуваат производи од глина, а потоа, меѓу другото, ќе изработуваат и сложувалки. Проектот се одвива секоја сабота во текот на шест месеци.

„Активностите ќе се реализираат со помош на стручни лица и вклучување на волонтери. Временскката рамка е со следната динамика: февруари – технички подготовки за реализација на проектот; март, април, мај, јуни, јули и август – креативни работилници секоја сабота во месецот при што групите ќе ротираат, со заедничка посета на археолошкиот локалитет Скупи“, велат од „Во мојот свет“.

За септември, пак, меѓу другото, предвидена е подготовка за продажна изложба, завршна презентација на проектот и доделување на собраните средства од изложбата на семејство со член со Аутистичен спектар на нарушување.

„Музеите претствуваат одлично место за учење и истражување на овие лица. Уметничкиот израз претставува начин за комуникација кај лицата кои немаат развиено говор и можност за искажување на сопствените мисли и чувства. Од образовен аспект овие лица ќе стекнат нови знаења, ќе се развиваат и применуваат во пракса културни навики корисни не само при посета на Музеј, туку и во институции од јавен карактер воопшто“, велат од „Во мојот свет“.

Од таму нагласуваат дека социјалната инклузија е важна компонента за секојдневниот живот на овие лица и нивно прифаќање во општеството.

„Преку реализација на овој проект ќе се подобри квалитетот на живеење на овие лица, вклучувањето на родителите ќе доведе до поголема компактност во семејството, подобрување на семејната клима, овозможување на нови начини за користење на слободното време и развој на хуман аспект, односно пружање помош на оние на кои им е најмногу потребно“, соопштува Здружението.

Проектот на „Во мојот свет“ се одвива заедно со Музеј на Македонија, помогнато со средства од Министерство за култура.