Работилница со Forensic architecture – група која истражува случаи со државен криминал и кршење на човековите права

Интердисциплинарната програма „Радикално образование” на Музејот на современата уметност – Скопје, во соработка со PLAYUK фестивалот на British Council, на 29 и 30 октомври организира јавно предавање и работилница Unearthing State Violence со Forensic Architecture.

Работилницата ќе ги запознае учесниците со новите проекти на Forensic architecture преку кои ќе добијат увид во истражувачките методи и предизвици на оваа група.

Сите се добредојдени да се приклучат, меѓутоа предност ќе имаат апликантите кои имаат искуство и интерес за уметничките пракси и истражувања во полето на заштитата на човековите права, при тоа вклучувајќи визуелни методологии од различни аспекти и профили (архитекти, дизајнери, визуелни уметници, писатели, куратори и активисти).

Сите заинтересирани кандидати за работилницата треба да присуствуваат на целосната дво-дневна програма на Forensic Architecture, односно нивното јавно предавање на 29.10. во 19.30 часот, како и работилницата.

Просторот е ограничен, затоа потребно е секој заинтересиран да се пријави на е-мејл за учество на работилницата на faworkshop.msu@gmail.com.

Forensic architecture е мултидисциплинарна истражувачка група од Голдсмит, Универзитетот во Лондон. FA спроведува современи архитектонски и медиумски истражувања на случаи поврзани со државен криминал и кршење на човековите права, и тоа во име на меѓународни обвинители, организации за заштита на човекови права како и политички и еколошки групи кои се залагаат за правда.  Во последниве неколку години, ФА успешно ги тестирaше и ги употреби своите методологии во голем број значајни правни случаи како и случаи каде се утврдија повреди на човековите права,  при тоа во соработка и во име на заедниците кои се под закана, невладини организации, обвинители како и Обединетите Нации.

Forensic architecture е номинирана за овогодинешната награда Тарнер, на Музејот Тејт.

Радикално образование” е интердисциплинарна програма за креирање на критички модели на знаење, како и развој и промоција на теоретски пристапи и уметнички практики во, и надвор од, Музејот на современата уметност во Скопје.  Програмата има тематски фокус на области кои се однесуваат на современите уметнички практики и теорија, културните студии и историјата на уметноста, а нејзини автори се Тихомир Топузовски и Кумјана Новакова, соработници на Музејот на современата уметност – Скопје.