Работилница „Сакам да бидам – кариерно советување за млади“ на 16 мај во „Umbrella“

Здружението за психологија и психотерапија „Психотерапика“ на 16 мај (четврток) во 18 часот во „Umbrella“ во ГТЦ организира бесплатна интерактивна презентација/работилница за млади на тема „Сакам да бидам – кариерно советување за млади“.

„Сакам да бидам…, некогаш беше само една од речениците кои како деца ги размислувавме, често поттикнати од прашањата на возрасните. Сепак изборот на најсоодветна професија е комплексен процес врз кој влијаат голем број на фактори. Неретко токму тогаш кога стоиме пред еден голем животен избор и се наоѓаме пред самиот почеток на својата кариерната патека помалку се чувствуваме како Алиса во земјата на Чудата“, соопштува Здружението.

Од таму велат дека пред нас стојат премногу можности, а сепак се чувствуваме како да ни е премногу тешко да направиме соодветен избор.

„Работилницата е наменета за млади (средношколци и студенти во завршните години како и дипломирани студенти) и нивните заинтересирани родители и семејства. Истата е осмислена како интерактивен настан на кој посетителите ќе имаат можност да поставуваат свои прашања, донесат свои  дилеми и учествуват во групната дискусија и групните експерименти“, велат од „Психотерапика“.

Работилницата ќе ја водат Ивана Маринчек и Радмила Живановиќ, двете психолози-психотерапевти и кариерни советници со GCDF сертификат за завршена тренинг програма од АСК-Асоцијација на советници за развој на кариера.

Сите оние кои се заинтересирани да учествуваат на настанот потребно е да го регистрираат своето учество на линкот за регистрација https://forms.gle/Bvz29b6CYZVcmn136.

„Во рамките на својата регистрација сите заинтересирани учесници имаат можност да ги запишат своите конкретни прашања кои би сакале да бидат разгледани и продискутирани во текот на  настанот“, стои во соопштението на Здружението.

Инаку, преку организирањето на овој настан „Психотерапика“ дава поддршка на мисијата и работата на „Umbrella Lounge Bar“ како прво социјално претпријатие од овој вид во Скопје кое има вработени лица со попречености.