Путин помагал за избор на Трамп, тврдат американските разузнавачки служби

Рускиот претседател Владимир Путин се обидувал да помогне Доналд Трамп да победи на претседателските избори, пишува во последниот извештај на американските разузнавачки служби НСА, ЦИА и ФБИ.

„Оценивме дека рускиот претседател Владимир Путин наредил кампања за влијание насочена кон американските претседателски избори во 2016-та година. Целта на Русија била да се поткопа јавната доверба во американскиот демократски процес, оцрнување на Хилари Клинтон и наштетување на нејзините шанси за избор и потенцијално претседателство. Понатаму, оценивме дека Путин и руската влада развиле јасно преферирање на новоизбраниот претседател Трамп“, стои во долго очекуваниот извештај на агенциите во американската јавност.

Извештајот, кој повеќе недели е предмет на протекувања на информации од него кои нанесуваа штета на Трамп, се спротивставува на тврдењата од неговиот транзициски тим дека Русија не го преферирала новоизбраниот претседател на изборите, како и настојувањата на Трамп дека виновниците за хакирањето на високи политички фигури од Демократската партија, во основа се непознати.

Извештајот не открива класифицирани и важни технички податоци кои ја покажуваат вината на Русија, што според текстот на Гардијан значи дека неговата објава најверојатно нема да ги убеди скептиците дека разузнавачките служби дефинитивно ги докажале тврдењата. Истовремено процената во извештајот не посочува дека руското влијание било одлучувачко во изборите.

Иако во документот недостигаат детали, никогаш претходно американските разузнавачки служби не оцениле јавно дека странска сила влијаела на изборите во корист на новоизбран претседател.

Трите разузнавачки агенции процениле со „високо ниво на увереност“ дека руско воено разузнавање стои зад анонимните хакерски напади на Guccifer 2.0 и DCLeaks.com кои на Викиликс предале податоци украдени од истакнати демократи. Џулијан Асанж, основачот на Викиликс, ги отфрли информациите дека примил материјал од Русија.

„Москва најверојатно го избрала Викиликс поради нивната репутација за автентичност. Објавите преку Викиликс не содржеле никакви фалсификати“, се наведува во извештајот на американските агенции.

Москва се уште нема коментирано на извештајот, но Руските власти претходно ги отфрлаа ваквите тврдења.

Во извештајот се наведува и дека други држави, сојузници на САД, се ранливи на сајбер-напади од страна на Русија, за изборни влијанија.

Трамп, откако беше брифиран за информациите во извештајот, не ја обвини Русија за мешање во изборите, изјавувајќи дека тоа не влијаело врз изборниот резултат, додавајќи дека ќе ја задолжи својата администрација за развивање нов план за „агресивна борба и спречување на сајбер-нападите“.