Путин им нареди на 755 американски дипломати да ја напуштат Русија

Рускиот претседател Владимир Путин објави дека 755 вработени мора да ги напуштат дипломатските мисии во САД, како одговор на новите санкции на САД врз Русија.

Одлуката да бидат избркани вработените била донесена во петокот, но Путин утрово го објави точниот број на дипломати кои ќе останат без работа од 1 септември.

Со тоа, вработените на Амбасадата на САД во Русија ќе бројат 455, исто колку што Русија има во својата амбасада во Вашингтон.

Се верува дека ова е најголемото отпуштање на дипломати од било која држава во современата историја, вели дописничката на ВВС од Вашингтон.

Во бројот се вклучени и Русите вработени на дипломатски мисии на САД низ Русија.

Персоналот во амбасадата во Москва, како и конзулатите во Екатерининбург, Владивосток и Санкт Петерсбург е исто така во опасност дека ќе ги изгуби работните места.

САД изјави дека потегот е „неразумен и непотребен“.

„Го истражуваме влијанието на ова ограничување и како ќе одговориме на него“, изјавија од Стејт департментот.

Русија исто така ќе ги укинува летувалските имоти и едно складиште кои ги користат дипломатите на САД.

Новите санкции на САД се воведени поради анексирањето на Крим од страна на Русија во 2014 и наводното руско влијание во претседателските избори во САД минатата година.

Во декември, администрацијата на Обама нареди да бидат затворени две руски дипломатски мисии, а беа избркани и 35 руски дипломати како одговор на наводното хакирање на Демократската партија на САД и кампањата на Хилари Клинтон.