Пуст остров во Пацификот има најмногу пластично ѓубре на светот

Ненаселен остров во Јужниот Пацифик е најгусто исполнето место на светот со пластичен отпад, покажува заедничка австралиско – британска научна студија.

Островот Хендерсон, дел од Британската група острови Питкаирн, според проценките има 37,7 милиони парчиња отпад на неговите плажи. Островот се наоѓа во близина на центарот на океанското струење, што значи дека ги собира отпадоците од бродовите и Јужна Америка.

Според студијата, вкупниот отпад изнесува 671 парче на квадратен метар и тежи 17 тони.

Покрај предмети за риболов, Островот Хендерсон бил преполн и со секојдневни работи како четки за заби, запалки и бричеви.

ФОТО: Универзитет на Тасманија

„Многу од предметите на Островот Хендерсон се оние кои погрешно ги сметаме за еднократна употреба“, вели за ББЦ д-р Џенифер Лаверс од Универзитетот во Тасманија.

Студијата, објавена во списанието „Трудови од Националната академија на науки“, опишува како оддалечените острови се однесуваат како „лавабо“ за светското ѓубре.

Научниците се надеваат дека луѓето ќе „размислат одново за нивниот однос со пластиката“.

„Ракчињата живеат во капачиња од шишиња, пластични чашки и тегли. Најпрвин изгледа симпатично, но не е. Оваа пластика е стара, остра, цврста и токсична“, опишува Лаверс.

Островот Хендерсон, кој се наоѓа на 5000 километри од брегот на Чиле, се наоѓа на листата на УНЕСКО како корален атол со релативно уникатна екологија, познат по 10 растителни и 4 видови птици.

 

Лаверс посочува дека условите на островот го потенцираат ефектот на пластичниот отпад на животната средина на глобално ниво.

„Скоро секој остров на светот и скоро секој вид во океанот сега е под влијание на еден или друг начин од нашето ѓубре. Не постои поединец или држава која не е засегната од овој проблем“, вели таа.