Пуштена во употреба првата сензорна градина во Македонија за учениците со оштетен вид

Со цел да се овозможи поквалитетна настава за учениците со оштетен вид, Американската стопанска комора во Македонија денеска ја пушти во употреба првата сензорна градина во Македонија изградена во училиштето за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Скопје.

Сензорната градина е надворешна училница која го стимулира развојот на моторните способности и сетилата кај учениците со оштетен вид. Градината е изградена по иницијатива на Американската Стопанска Комора и е поддржана од 22 компании-членки на комората.

„Овој проект покажува дека приватниот сектор разбира дека здравото општество во кое сите имаат можности е добро за просперитетот и на компаниите и на општеството во целина, а Американската стопанска комора служи како катализатор кој ги спојува потребите во општеството со капацитетот и ресурсите на приватниот сектор“, рече амбасадорот Бејли.