Пулицерова награда за „Гардијан“ и „Вашингтон пост“

Американското издание на британскиот весник „Гардијан“ и американскиот „Вашингтон пост“ годинава се добитници на Пулицеровата награда.

Пулицерова награда за „Гардијан“ и „Вашингтон пост“

Најпрестижната американска новинарска награда весниците ја добија во категоријата „Во служба на општеството“, бидејќи лани први ги објавија текстовите за злоупотребувањата на американското разузнавање, засновани на документите, добиени од поранешниот соработник на НСА, Едвард Сноуден.

Наградите беа прогласени вчера во Њујорк. Во категоријата „објавување на актуелна вест“ наградата ја освоија репортерите од весникот „Бостон глоуб“ за известувањето за терористичкиот напад за време на Бостонскиот маратон во април минатата година.

Две награди освои и весникот „Њујорк тајмс“ во категориите „новинарска фотографија“ и „фоторепортажа“.

„Пулицер“ за истражувачко новинарство освои новинарката Крис Хемби од Центарот за јавен интегритет во Вашингтон.

Агенцијата Ројтерс доби награда во категоријата „меѓународна репортажа“ за материјалите за дискриминацијата на муслиманското малцинство Рохинги во Мјанмар.

Наградата „Пулицер“ е основана од познатиот американски магнат во печатените медиуми Џозеф Пулицер (1847-1911). Од специјално оставените два милиони долари е основана фондација на негово име. Од 1917 година наградата се доделува секоја година во 21 категорија во областа на новинарството, литературата, музиката и театарот.