Пукање во седиште на Јутјуб – тројца ранети, осомничената е мртва

Жена застрела и рани три лица во седиштето на „Јутјуб“ во Северна Калифорнија, пред да се убие.

Полицијата го откри идентитетот на осомничената. Станува збор за 39-годишната Насим Агдам (39), иако сé уште се истражува мотивот.

Оттаму велат дека сè уште нема докази дека ги знаела жртвите – 36-годишен маж кој е во критична состојба и две жени на возраст од 32 и 27 години.

Агдам и во минатото упатувала пораки со гнев кон Јутјуб.

Ваквите инциденти претежно се спроведени од мажи, забележува извештај на ФБИ, во кој се вели дека од 160 инциденти меѓу 2000-2013, само шест лица кои започнале пукање биле жени.

Според полицијата, осомничената се доближила до кантината во канцелариите во Сан Бруно, во близина на Сан Франциско, за време на паузата за ручек и почнала со пукањето со пиштол.

Шефот на полицијата на Сан Бруно, Ед Барберини, рече дека полицајците пристигнале во канцелариите во 12:48 часот по локално време каде откриле „хаотична сцена”, при која што голем број луѓе бегале.

Сликите што беа емитувани на локални ТВ станици покажуваат дека вработените ја напуштаат зградата со кренати раце. Другите снимки покажуваат дека евакуираните формирале ред пред да бидат поединечно одведени од страна на полицијата.

Еден од ранетите бил пронајден пред седиштето на компанијата, изјави Барберини. Неколку минути подоцна полицајците ја нашле жената која е осомничена за нападот.

Две дополнителни жртви подоцна биле откриени во соседните простории.

Тројцата повредени се однесени во општата болница во Сан Франциско. Оттаму информираат дека состојбата на 32-годишната жена е сериозна, додека состојбата на 27-годишната е стабилизирана.

Покрај нив, во болница е уште едно лице кое го повредило глуждот во обид да избега.

Околу 1.700 луѓе работат во седиштето на Јутјуб. Компанијата е во сопственост на Гугл и е најголемиот работодавач во оваа област.

Според полицијата, жената осомничена за нападот е жител на Калифорнија од иранско потекло.

Таа имала свој канал на Јутјуб каде во едно од нејзините видеа ја критикувала платформата за дискриминација и филтрирање на нејзините мислења.

Јутјуб го избриша нејзиниот профил, како и страниците на Инстаграм и Фејсбук.

На нејзиниот личен веб-сајт таа обвинува дека Јутјуб ја спречува да ги изрази своите ставови.

„Нема можност за еднаков раст на Јутјуб или која било друга веб-страница за споделување. Вашиот канал ќе порасне ако тие така сакаат!” напиша таа.