„Психомодо Поп“, „Ласт Експедишн“ и „Дивље Свиње“ ќе настапат на „Битола отворен град 2019“

„Психомодо Поп“, бендот кој скоро четири децении е незаобиколен музички арбитер на овие простори на 30-ти јуни за прв пат ќе настапи во Битола.

Во 1983 година ја започна својата музичка историја. Првото име на бендот било Нерон, а потоа се преименуваа во Психомодо Поп, инспирирани од албумот на групата Cockney Rebel, со име Психомодо, а додавката Поп дошла како почит кон Iggy Pop, Andy Warhal и поп артот.

Бенд кој се напојувал на музиката на Ramones & Sex Pistols, вежбале по загребските гаражи, снимиле 15 албуми, со појава и сценски настап кој се памети и еве сеуште не ги напушта тој луд жар за настапи во живо пред стара, но и нова публика.

Фронтмен им е харизматичниот Давор Гобац, а нивните хитови „Ја волим само себе”, „Секси магазин”, „Фрида”, „Рамона”, „Кад сам имао 16″ ги пеат различни генерации веќе 35 години.

„Ласт Експедишн“, пак, е една од најзначајните групи во историјата на македонскиот рокенрол. Оваа година нивното реобединување дојде како супер освежување на сеќавањата на 90-тите, велат од МКЦ Битола. Музички фејслифт направен по сите криетриуми е нивниот камбек, а сепак е оној стар добар звук на експедицијата која буквално е враќање во иднината.

„Формирани 1986-тата година во скопски Ѓорче Петров. Алтерантива на рок кој звучеше добро и тогаш, а сега ќе звучи уште пожестоко заради новите сили на бендот кои даваат спреј на новото време“, велат од МКЦ Битола.

Покрај нив, ќе настапат и „Дивље свиње“. Станува збор за бенд кој се формирал спонтано во 2016 година и носи еден охрабрувачки звук кој испорачува канонада од панк енергија, многу слична на онаа која е креирана од страна на првата генерација на светски панк артисти. Овој бенд на свој начин комбинира автентични панк елементи со панк рок додавка, неиспеглани гитарски баражи и препознатлива текстуална форма која е сурова критика на политичките и социјалните случувања во општеството.