Психолошки тестови за идните наставници и професори

Психолошки тестови за идните наставници и професориНаставниците во основното и професорите во средното образование кои треба да полагаат приправнички испит, имаат законска обврска да положат психолошки тест согласно Законот за основно и средно образование.

Ова го изјави министерот за образование и наука Спиро Ристовски, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција, пренесе МИА.

„Психолошко тестирање е обврска согласно Законот за основно и средно образование кое сега стапува на сила. Со психолошкото тестирање планирано е да бидат опфатени сите наставници во основно и професори во средно образование кои предаваат и кои треба да полагаат приправнички испит“, рече Ристовски и додаде дека психолошкиот тест е услов за да полагаат приправнички испит.

Според министерот, со психолошкиот тест се очекува да се зголеми квалитетот во оценката на тоа кои личности може да работат со деца и кои личности не може да работат со деца.

„Ако не се положи психолошкиот тест тие лица  не може да продолжат со приправничкиот стаж, односно им прекинува работниот ангажман. Постоењето на еден ваков тест ќе ја расчисти сликата и потоа нема да се доведуваме во ситуации да имаме немили или непромислени потези од определени наставници во однос на дечињата“, рече Ристовски.