Психоделичните печурки поблиску до медицинска употреба

Истражувачи од Универзитетот „Џонс Хопкинс“ препорачуваат псилоцибинот, активна состојка во халуциногените печурки, да биде прекласифициран за медицинска употреба. Тоа би го отворало патот за психоделичните печурки еден ден да третираат депресија, анксиозност и да им помагаат на луѓето да престанат да пушат, пишува Њујорк тајмс.

Предлогот за рекласификација на псилоцибинот од прв степен дрога, без познат медицински бенефит – во четврт степен дрога, што е еднакво на рецепт за апчиња за спиење, беше дел од испитување за проценка на безбедноста и злоупотребата на оваа состојка.

Според истражувачите, пред американската Агенција за храна и лекови (ФДА) да почне со процесот за преквалификација на псилоцибинот, потребно е да се направат дополнителни студии, кои би можеле да потраат повеќе од пет години.

Анализата беше објавена во октомвриското издание на „Neuropharmacology“, медицински медиум фокусиран на невронаука.

Студијата доаѓа во време кога многу Американци ги променуваат своите ставови кон некои нелегални дроги. Широката легализација на марихуаната помогна за демистифицирање на нејзината употреба, а повеќе луѓе сега ги препознаваат медицинските бенефити за анксиозност, артритис или ред други бројни заболувања и состојби.

Психоделиците, како ЛСД и псилоцибин, се нелегални и не се одобрени за медицинска или рекреативна употреба. Сепак, во последните години научниците и консументите го преиспитуваат нивното користење за борба против депресија, анксиозност и зависности. Овие работи веќе години наназад се споменуваат низ различни групи граѓани како алтернативна медицина, знаење префрлано од генерација до генерација, но беа отфрлани од системот.

„Гледаме демографска промена, особено кај жените“, изјави Метју Џонсон, вонреден професор по психијатрија и наука за однесувањето на Универзитетот Џон Хопкинс, кој е еден од авторите на истражувањето.

Микродозирањето, или употреба на психоделици во мали дози, веќе стана популарен начин да се зголеми продуктивноста и креативното размислување. Ова особено важи во Силиконската долина. Дури беше вклучено во сценарио од шоуто на Си-Би-Ес- „Добрата борба“.

Ако погледнеме децении наназад, истражувачите избегнуваа студии за психоделиците. „Во 1960-ите беа интензивно проучувани низ неуронауката за тоа како мозокот функционира. Но, потоа психоделиците излегоа од лабораторијата“, вели доктор Џонсон.

Истражувањата делумно запреа поради се пошироката употреба на ЛСД-то и печурките, кои станаа белег на хипи-контракултурата.

Во студијата беше вклучен и Роланд Р. Грифитс, професор на Катедрата за психијатрија и невронаука, еден од најистакнатите истражувачи за однесувањето и субјективните ефекти на дрогите за промена на расположението. Меѓу другото, истражувачите разгледуваа податоци и од 1940-ите.

Џонсон вели дека ФДА одобрила голем број испитувања на псилоцибин. Ако е одобрено за пациенти, нагласува тој, тогаш „ова е нова ера во медицината“.

Сепак, тој потенцира дека псилоцибинот не е лек за секој. Во нивнатга анализа, истражувачите повикуваат на строга контрола за негова употреба. Постојат ризични области, велат тие, како за пациенти со психички нарушувања, така и за оние што земаат големи дози.