Холандско-турскиот бенд „Алтин Гун“ (Altın Gün) утре (сабота, 31 мај) ќе одржи концерт во скопскиот Младински културен центар (МКЦ), а според организаторите публиката може да очекува вртоглаво музичко патување и фантастично шоу на премиерното гостување на овој бенд во Македонија.
„Психоделичните рок верзии на традиционални турски народни песни обвиени во танцови поп аранжмани, како и извонредните изведби во живо, го прават ‘Алтин Гун’ еден од најоригиналните бендови на светската сцена“, посочуваат организаротите од „Пасворд продакшн“ и фестивалот „Таксират“.
Оттаму посочуваат дека со петте албуми објавени досега, „Алтин Гун“ станаа светска атракција и покренаа револуција во музиката на светот.
„Дека нивниот постмодернизам успешно произлегува од психоделичниот осврт на традиционалната турска музика и дека револуцијата планетарно одекна, докажa и номинацијата за ‘Греми’ наградата за најдобар албум во 2019 година за нивното издание „Гече“ (Gece). Колку е голем ‘Алтин Гун’ на светската сцена, сведочат редовно распродадените турнеи во Северна Америка, Европа и Велика Британија. Групата ги воодушеви љубителите на различни жанрови и беше хедлајнер и на најголемите музички фестивали, како што се американскиот ‘Коачела’, холандскиот ‘Лоулендс’, шпанскиот ‘Примавера Саунд’, јапонскиот ‘Фуџи Рок’, српскиот ‘Егзит’, исландскиот ‘Исланд Ервејвс’ и многу други“, соопштуваат организаторите.
Како нетипични претставници на анадолскиот рок, велат тие, „Алтин Гун“ ги оживуваат духовите на минатото преку современа продукција, која води до катарза.
„Нивната храбра фузија ја претставува музиката на иднината, онаа што не познава рамки, граници или универзуми. Тие ја слават слободата на изразувањето на сите пет албуми: ‘On’, ‘Gece’, ‘Yol’, ‘Yalem’, ‘Aşk’, но пред сѐ на настапите во живо, бидејќи најчестиот коментар за нив е: екстаза. Алтин Ѓун во превод значи ‘златен ден’, а за нивните македонски фанови таков е овој 31 мај, кога групата ќе го одржи својот премиерен концерт во Македонија“, стои во најавата за настанот.
Организаторите нагласуваат дека влезниците за концертот се пред распродавање и се достапни во претпродажба по цена од 1.500 денари, на благајните на МкТикетс и онлајн на овој линк: https://mktickets.mk/event/altin-gun/ . Оваа цена ќе важи најдоцна до 19:00 часот во сабота, а потоа влезниците ќе чинат 1.700 денари. Во сабота во МКЦ, влезот за посетителите ќе биде отворен од 20 часот, почетокот на концертот е закажан во 21 часот