„Таксират“ ги повикува сите нови македонски музичари, групи или самостојни изведувачи да ја претстават својата музика, да го покажат својот талент и креативност и да се пријават на овогодинешното издание на фестивалот на нова авторска музика – „Лузер фест“.
„Победникот традиционално ќе го избереме заедно, за време на ‘Лузер фест’ со гласање на публиката и на жирито чии членови ќе ги објавиме непосредно пред одржување на настанот. За најдобриот изведувач следува награда – снимање и издавање на студиски албум. Снимањето ќе биде во професионално музичко студио, а албумот ќе биде објавен од страна на ‘Пасворд Продакшн’“, посочуваат од „Пасворд“.
Сите заинтересирани изведувачи кои сакаат да се пријават на конкурсот потребно е да ја пополнат следниот ФОРМУЛАР, најдоцна до 30 октомври.
Инаку, „Лузер фест“ традиционално се одржува веќе скоро две децении, каде се дава простор на нови и свежи бендови. „Лузер фест“ е предвесник на фестивалот „Таксират“ кој годинава ќе се одржува на 7 декември во арената „Борис Трајковски“.