На Белиот рај во Миравци на 2 септември ќе се одржи „Loomynum art club gathering“. Се работи за 12-часовен психоделичен транс собир со бразилски, швајцарски и македонски артисти, кои ќе се претстават со свои сетови на импресивната локација близу Гевгелија.
Меѓу листата на продуценти e Даниел Бертини, најавен со проектите ProAgressivo и Тeorema. Бертини во последните 10 години со својата музика и сетовите остава белег во Бразил, основајќи ја независната издавачка куќа Religare, а меѓувремено станува дел и од психоделичното семејство на лабелот Sangoma.
Присутните на подумот во Белиот рај ќе можат да го слушнат и MPF. Ова е колаборациски бразилски проект меѓу Бертини и Рафаел Коралес алијас Via Axis. Дуото со својот стил за кратко време донесе доза свежина за псајтранс културата, и со себе за летната тура низ Европа нуди цел арсенал неиздадена музика – патувалка низ мистичен звучен колорит.
По неколку месеци, повторно доаѓа и швајцарска транс дружина, но овој пат во проширен состав – Kay-Ahuasca, Mr.Samoa, Maska, Shangri и Eos. Сите се најавени со посебни диџеј сетови.
Домашна психоделична поддршка на „Loomynum art club gathering“ ќе бидат Zopmanika и Melange.
За целосно визуелно доживување на настанот на 2 септември е ангажиран „Lunar deco“.