За првпат црвен аларм во Пекинг поради загадувањето

За првпат, властите во Пекинг прогласија црвен аларм поради смогот во градот. Ова е најстрогата мерка на претпазливост што синоќа властите ја соопштија, а со која училиштата ќе бидат затворени, додека градежните работи низ градот ќе бидат ограничени.

Сепак, нивото на загадување е пониско во споредба со претходните недели, но властите очекуваат огромно количество на загадување во наредните денови. Наредбата важи од утрово до четврток, кога се очекува времето да се промени и ветерот да го однесе смогот.

Градот досега беше влезен во портокалова фаза, односно градежните работи беа ставени под контрола, а беше воведена и мерката пар-непар со која на автомобили со парни и непарни регистарски таблички им беше забрането возење преку еден ден.

Во некои делови на Пекинг, луѓето можат да гледаат само на 200 метри оддалеченост. Воздухот е исполнет со отровни честички поради кои луѓето би можеле да се разболат само поради тоа што се надвор.

Станиците за мерење на квалитетот на воздухот покажале дека во некои области, во воздухот има повеќе од 256 микрограми на кубен метар од штетните честички ПМ 2,5. Светската здравствена организација вели дека се што е над 25 микрограми на кубен метар се смета за небезбедно.

Смогот во Пекинг е резултат на индустријата и греењето, но и од огромната количина на прашина што доаѓа од градежните работи. Влажноста на воздухот и слабиот ветер го направија проблемот уште посериозен за жителите на Пекинг.

Голем број на еколошки организации, меѓу кои и „Гринпис“ одамна ги повикуваа кинеските власти да прогласат црвен аларм поради загадувањето, нарекувајќи ја состојбата во Пекинг „аеропокалипса“.