Првомајски маршеви за Денот на трудот

За Први мај, Денот на трудот и работничките права, во Скопје повторно ќе се одржат традиционалните првомајски маршеви, повторно иницирани од различни синдикалци и организации.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници заедно со Синдикатот на македонската димпломатска служба, Независниот академски синдикат и Синдикатот на културата својот марш ќе го започнат од 11:30 часот од Плоштадот „Карпошово востание“. Збирно место е пред Ибни Пајко, под мотото „На 1 Мај каде си? За свои права, на улица си“.

Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ), пак, ќе стартуваат од 10 часот пред зградата на МРТВ, со правец на движење кон Влада.

КСОМ на маршот ќе побара достоинствено вреднување на трудот на работниците, исплата на годишен регрес во државниот сектор, измена на Законот за работен однос, либерализација на синдикалното делување, но и почитување на репрезентативноста на Независните синдикати.

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) со своите членови ќе маршираат под мотото „Не може да се одлучува за нас, без нас”. Меѓу другото, тие бараат договори за вработување на неопределено време, 12 месеци породилно отсуство, минимална плата од најмалку 13.800 денари, регрес за годишен одмор за сите, здрави и безбедни работни места, но и пораст на платите, а младите да останат.

Социјалниот центар „Дуња“ на Денот на трудот иницира првомајски протест „Да го одбраниме јавното здравство“ од 11 часот пред Министерството за здравство.

„Состојбата со јавното здравство е алармантна! Пред 10 дена почина Тоше Илиевски, зашто немаше пари да си го плати лекувањето. Претходно, сите бевме ужаснати од смртта на младата Тамара. Со најновиот план за приватизација на јавното здравство (т.н. јавно-приватно партнерство) власта дополнително ќе го уништи и онака веќе во голема мера уништеното јавно здравство. Наместо да вложат повеќе средства во јавното здравство, планираат јавните пари да завршуваат во џебовите на газдите на приватните здравствени установи“, стои меѓу другото во најавата за маршот.

По протестот пред Министерството за здравство, сите ќе се упатат кон „Дуња“, каде ќе се одржува „Првомајски културни средби“ – отворен ден, целодневна дружба со музика, размена на книги и изложба на советски постери.