Првомајска ТВ премиера на филмот за последното сведоштво на револуционерката Вера Фотева

Филмот „Луѓе без земја“, кој ја обработува приказната за Вера Фотева, една од најинтригантните женски фигури во македонската револуционерна историја, ќе биде прикажан во петок, 1 мај, во 20.10 часот на „Телма“.

Филмот е во режија на Марко Ѓоковиќ, работен по сценарио на Атанас Кировски и во продукција на Сашо Пешев и Кировски.

Инсерт од филмот

Во „Луѓе во земја“, револуционерката Фотева чие вистинско име е Евдокија Балева го дава своето последно сведоштво за филмската екипа, пред да почине во 2011.

Својата драматична животна приказна, Фотева ја раскажува низ сеќавањата за импликациите од судирот меѓу Тито и Сталин врз македонското движење за време на Граѓанската војна во Грција.

Филмот ги прикажува нејзините животни предизвици и борби за време на конфликтот, голготата низ која минала во логорите во Албанија и гулазите во Сибир, како и престојот во московските затвори Лефортовскаја Тјурма и Лубјанка.

Покрај автентичните, лични сведоштва на хероината од НОБ, филмот е надополнет и со игран дел во кој актерката Верица Недевска ја портретира Фотева, додека во другите улоги се појавуваат Емил Рубен, Милан Тоциновски, Горан Трифуновски, Наџи Шабан, Димитар Доксевски, Гоце Влахов и Марина Поп Панкова.

Овој 60-минутен проект за првпат беше прикажан на Интернационалниот фестивал на европски филм „Синедејс“.

Филмскиот постер