Млади модни дизајнери и архитекти деновиве го преуредуваа центарот на Скопје претворајќи го во модерна галерија која официјално ќе биде отворена утревечер за првото издание на фестивалот „Недела на излозите“.
Со почеток од 19 часот на отворената тераса на ресторанот „Пелистер“ на плоштадот Македонија во Скопје, ќе се одржи официјалното отворање на првото издание на фестивалот, поддржан од Амбасадата на Швајцарија.
„Недела на излозите” е фестивал за креативност, современост и уникатност доловени преку излозите кои се естетски симболи на визуелната култура на градот.
Фестивалот ќе трае до 17 декември, а преуредени се излозите на: книжарницата „Култура“, часовничарот !„Хронометар“, Театарот за деца и младинци, книжарницата „Литература.мк“, продавницата за чоколадо на швајцарскиот бренд „Линд“, и пасажот до книжарницата „Литература.мк“.
Зад креативниот концепт и реализацијата на секој излог стои тим составен од млади архитекти и модни дизајнери, кои на свој начин пренесуваат важни пораки до минувачите и раскажуваат различни приказни. „МладиХаб“, т.е. Канцеларијата на претседателот (кај Рекорд), ќе служи како инфо поинт на фестивалот каде што ќе може да се погледнат сите креативни концепти за излозите и ќе може да се подигнат информативни материјали за фестивалот.
„Преку соработката за овој фестивал, младите архитекти и модни дизајнери ги открија вештините на естетското уредување на комерцијалните простори (visual merchandizing). Покрај едукативна, целта на овој фестивал е подигнување и сензибилизација на локалната визуелна култура, повеќе од кога било потребна на Градот Скопје“, информираат организаторите.
Партнери на првото издание на фестивалот се: Центарот за дизајн и иновации „Јавна Соба“ во Скопје, Технолошко металуршкиот факултет во Скопје, Архитектонскиот факултет во Скопје и „МладиХаб“.
Повеќе информации за фестивалот има на: www.windowdisplaysweek.com и на Facebook страницата на фестивалот @WDW Movement.