Прво издание на Интернационалниот поетски фестивал Екс Либрис – Скопје

Под мотото „Festival In Progress“,  вечерва (7 ноември) се отвора првото издание на Интернационалниот поетски фестивал Екс Либрис – Скопје.

Во рамки на фестивалот, во текот на неколку месеци ќе се одржат десетина настани – поетски читања, преведувачки работилници, дискусии, предавања, промоција на изданија на значајни светски и домашни автори.

„Свесни дека ова издание нема да биде она од замислената концепција и програмска структура, зашто фестивалот го сонуваме повеќе години, и внимателно ги планиравме концептот и ефектите кои треба да ги има, но важно е дека треба да започне. Ќе биде ова поинакво издание на фестивалот од планираното, па ќе трае неколку месеци, со настани кои ќе се случуваат со физичко присуство, но и онлајн, преку платформите кои тоа го овозможуваат. Затоа ова прво и поинакво издание сосема соодветно доби мото: Festival In Progress“, велат од фестивалот.

Новиот поетски фестивал е најавен како можност за поинаков пристап во презентацијата на поетската уметност и нејзина афирмација.

„Но, при толку фестивали, зарем е потребен уште еден? Ние сме убедени дека е потребен, но ако е поинаков, со поинаква концепција, програмска структура, ако придонесе исклучителни творци да бидат презентирани заедно со издавачките проекти, ако придонесе на публиката да ѝ се понудат интересни и незаборавни книжевни случувања. Ние сакаме да создадеме токму таков фестивал. Веруваме дека имаме искусен тим кој знае како се прават такви настани. Затоа почнуваме со фестивал каде фокусот ќе биде и на поетите, но и на другите чинители во книжевната комуникација, преведувачите, критичарите, местата каде се изучува литературата и преводот – универзитетите, и најважното – публиката. А таа, покрај постоечката, во поголем дел постојано мора да се создава и да се „одгледа“. Со оглед на тоа што во Скопје како главен град и културна метропола на Македонија има најбројна читателска публика, заслужува да има книжевни настани како што се фестивалите“, додаваат од Екс Либрис-Скопје.

Вечерашниот настан со кој започнува фестивалот  е партнерски организиран со Шкотскиот поетски фестивал Станца. Тоа е преведувачката работилница „Најдено во преводот“, дискусија и поетско читање на македонски и британски поети и преведувачи, меѓу кои и Питер Мекеј, Тања Хершман, Катица Ќулавкова, Митко Гогов и Никола Ѓелинчески.

Отворањето на фестивалот е најавено во 19 часот, а ќе се пренесува на платформата Зум, достапна на овој ЛИНК.

Проектот е поддржан од програмата на Британскиот совет за финансирање меѓународни проекти од полето на книжевноста.