Прво издание на фестивалот „Енхалон“ на 4 локации низ Струга

Денеска во Струга се одржува првото издание на интернационалниот фестивал на современа музика и дигитални уметности – „Енхалон“. Организаторите на фестивалот најавуваат незаборавна фестивалска авантура со 32 часовна, континуирана музичка програма, поделена на 4 локации во градот.

Организаторите како ѕвезди на фестивалот ги посочуваат германските техно икони Ancient Methods, Daniela La Luz и полскиот продуцент Glos.

Фестивалот го отвора „Ancient Methods“ во струшкиот ,,Хангар” кој е дел од Центарот за култура во Струга. Потоа во раните утрински часови се сели на 12 часовна  афтер журка на плажата во автокампот Ливадиште, каде ќе настапат 12 интернационални и домашни артисти, а целиот настан ќе биде пренесуван во живо на британското радио Threads.

Од 20 часот, во сабота, фестивалот продолжува со втората фестивалска вечер, на отворената  летна сцена од Центарот за култура во Струга каде како хедлајнер е најавена берлинската  диџејка Daniela La Luz. За оние кои сè уште имаат енергија журката не завршува тука. 2 часа после полноќ програмата продолжува на крстарење со брод по Охридското Езеро со што и завршува овогодинешното издание на Енхалон. На бродот ќе настапи полскиот диџеј и продуцент Glos кој ќе има неколку часовен „live“ сет.