Прво издание на детскиот филмски фестивал „Кидс фест“

Во рамките на првото издание на „Кидс фест“ кое во периодот од 10 до 14 декември ќе се одржи во кината Милениум и Cineplexx, најмладите љубители на седмата уметност ќе имаат можност да гледаат интересни филмски премиери на анимирани, играни и документарни филмови од Америка, Франција, Белгија, Норвешка, Шведска, Данска и Хрватска.

Поголемиот дел од овие остварувања е прикажан на познатите светски фестивали на кинематографија за деца, а на „Кидс фест“ ќе се најдат синхронизирани на македонски јазик. Во кината најмладите посетители ги очекуваат и интересни работилници, игри и подароци.

Од данскиот филм „Мравко“ децата ќе научат дека храброста не зависи од тоа дали си мал или голем, бидејќи хероите можат да бидат и деца и возрасни. Од Франција доаѓа трогателната приказна „Бела и Себастијан“ за шестгодишното момче и неговото пријателство со диво куче. Новиот документарен филм од францускиот режисер Лук Жан „Си беше еднаш една шума“ претставува не само омаж на величественоста на прашумите, туку и апел за нивна заштита од изумирање. Малата глувчица Селестин и сиромашното мече Ернест ќе успеат да ги надминат сите разлики и да изградат убаво пријателство во француско-белгискиот анимиран филм „Ернест и Селестин“ кој мината година беше номиниран за Оскар во категоријата за најдобар анимиран филм.

На репертоарот на кината ќе се најдат две норвешки остварувања за авантурите на најдобрите другари Каспер и Ема во која ги следат нивните најдобри плишани пријатели Зајчицата на Ема и Лавчето на Каспер. Кога снежната катастрофа се заканува да го уништи целото село во филмот „Солан и Лудвиг“ малиот еж Лудвиг ги надминува сите свои стравови за да ги спаси пријателите, селото и Божиќ. Дали честа на данската нација ќе може да ја спаси проблематичното трио, ќе дознаеме во филмот, „Олсен во голема неволја“. Се’ што е потребно е торба за ладење, чадор и две гуми за џвакање. Приказната на данскиот филм „Рајско патување“ за малиот зајко Јохан кој не е доволно стар да ги разбира правилата на животот, а копнее за невозможни нешта, никого нема да остави рамнодушен.

Првото издание на детскиот филмски фестивал „Кидс фест“ ќе се одвива под мотото „Ајде да гледаме филмови“. Во кино Милениум цената за единечен билет ќе изнесува 130 ден, а за групни посети 100 ден, додека во киното Cineplexx единечен билет ќе чини 150 ден, а за групни посети 100 ден. Исто така во киното Синеплекс во Скопје Сити Мол посетителите за време на „Кидс фестивалот“ ќе имаат можност да ја гледаат и најновата авантура „Пингвините од Мадагаскар 3D“ на редовен репертоар по редовни цени за билетот.