На вчерашната 70 по ред седница на Владата се донесе уредба според која се намалува финансирањето на политичките партии од 0,15 на 0,04 проценти.
„На денешната седница е донесена Уредба со законска сила за финансирање на политичките партии во 2020 година, со која, согласно Законот за финансирање на политичките партии, вкупните средства за годишно финансирање на политичките партии се намалуваат и ќе изнесуваат 0,04 проценти наместо од 0,15 проценти од вкупните изворни приходи на Буџетот на Република Северна Македонија“, стои во соопштението на Владата.
Оттаму се нагласува дека ваквата уредба е донесена со цел спречување на дополнително оптоварување на Буџетот и како една од економските мерки кои се преземаат за справување со последиците од коронавирусот КОВИД-19.
Во 2018 година, беше изгласано зголемување на буџетот на партиите, па тие наместо од 1,8 милиони евра, добија 4,5 милиони евра од државниот буџет.
Со тогашната измена на законот, односно зголемувањето на сумата на државното финансирање, се намали сумата на донации што може да ја добијат партиите.