Првите две момчиња безбедно извлечени од пештерата во Тајланд

Првите две деца, од групата на 12 момчиња и нивниот фудбалски тренер заробени во пештерата во Тајланд, безбедно се извлечени на површината, изјавил службеник од спасувачките операции за Ројтерс. Момчињата беа заробени 16 дена во пештерскиот комплекс исполнет со вода поради обилните врнежи.

„Две деца се надвор. Во моментов се во адаптираната болница во близина на пештерата. Најпрвин ги прегледуваме физички. Се уште не ги префрламе во главната болница Чианг Раи“, рекол Тосатеп Бонтонг, шефот на здравствените служби во провинцијата и дел од спасувачкиот тим.

ББЦ објави видео снимка од амбулантно возило кое го напушта пештерскиот комплекс.

Спасувачката операција која започна утрово се одвива побргу и од најоптимистичките прогнози дадени од надлежните.

12-те момчиња и нивниот фудбалски тренер беа исчезнати од 23-ти јуни откако тргнале на екскурзија по фудбалски тренинг. Беа откриени пред пет дена од група британски нуркачи.