Првите дози од вакцината за Ковид-19 на „Фајзер“ во земјава ќе пристигнат во февруари

Првите дози од вакцината за коронавирусот на компанијата „Фајзер“ и „Бионтек“ во земјава ќе пристигнат во февруари, идната година, информираа попладнево од Министерството за здравство (МЗ).

Како што додаваат од МЗ, денеска е постигнат директен договор со компанијата и посочуваат дека количината на вакцините ќе биде позната во текот на следните недели.

„Следните дози од вакцината на Фајзер ќе пристигнат во март и април. Министерството за здравство продолжува разговори за обезбедување вакцини и преку преговори со земјите членки на ЕУ како и преку Ковкакс механизмот од каде се очекува распоредот и датумот за дистрибуција на првите количини. Ова е одлична вест за сите граѓани и прв чекор кон конечна победа над пандемијата“, стои во соопштението на МЗ.

Дополнително, од Министерството информираат дека фрижидерите за складирање на овие вакцини се очекуваат да стигнат во јануари, додавајќи дека „македонскиот здравствен систем ќе биде целосно подготвен за вакцинација“.

Од почетокот на пандемијата, со Ковид-19 во земјава се дијагностицирани 82.794 лица, бројот на оздравени пациенти е 60.706, додека 2.488 лица починале. Бројот на активни случаи моментално изнесува 19.600.