Првиот зелен весник кој по читањето станува цвеќе

Првиот навистина зелен весник во светот се вика Маиничи, а станува збор за јапонски дневен весник кој се продава во 5 милиони примероци.

Освен што е печатен на рециклирана хартија, весникот во себе содржи семиња од кои потоа расте цвеќе. При создавањето на материјалот на кој се печати весникот, фабриката за хартија во целулозната каша вметнува семе, кое потоа станува составен дел од хартијата. Дури и печатарската боја која се користи е добиена на еколошки начин од зеленчук.

Со користење на споменатите методи, секој примерок од весникот, откако ќе биде прочитан, може повторно да стане билка и така да го зголеми нивото на зеленило во куќите и градовите. Истовремено, на овој начин се намалува количината на отпадот што завршува на депониите.

Меѓу другото, сопствениците на весникот и на економски план постигнале одлични резултати. Весникот објавува бројни прилози за билките и градинарстовото и откако почнал да се печати на „зелена“ хартија, приходите се зголемиле за 600.000 евра. Освен тоа, многу училишта решиле да го усвојат како позитивен пример од кој учениците можат да научат многу за важноста на читањето и почитта кон природата.

Извор: Окно