Првиот предлог-закон напишан од ученици бара климатската криза да се изучува на училиште

Предлог-законот со кој се повикува климатската криза да се изучува низ целата училишна програма во Велика Британија треба да биде поднесен во парламентот, при што инволвираните велат дека тој е првиот некогаш напишан од ученици, пренесува Индепендент.

Пратеничката од Лабуристичката партија Надја Витом треба утре да го предложи предлог-законот кој има за цел да го прошири образованието за климата во училиштата.

Таа го поднесува предлог-закон до парламентот кој бара прашањата поврзани со климатската криза и одржливоста да се интегрираат во наставните програми во основните и средните училишта, како и во курсевите за стручна обука.

„Учи ја иднината“, група за промовирање на климатско образование предводена од ученици, помогна во изготвувањето на предлог-законот, за кој се вели дека е првиот напишан од ученици што бил претставен пред парламентот во неговата историја.

Скарлет Вестбрук, 17-годишна членка на групата, рече: „Треба да обезбедиме климатското образование повеќе да не е ексклузивно само за оние кои полагаат изборни предмети, туку да се фокусира на сите предмети бидејќи сите ќе бидеме под влијание на оваа криза“.

„Овој предлог-закон ќе им даде на учениците образование што им е потребно за адекватно да напредуваат како возрасни и образование што ние го заслужуваме“.

Минатиот месец, група образовни синдикати повикаа на „сеопфатен преглед на целата наставна програма“ за да се уверат дека го подготвува општеството за „одржлива иднина“.

Неодамнешното истражување на Пирсон, глобална компанија за учење, покажа дека повеќето испитаници веруваат дека децата треба да почнат да учат за климатската криза уште во основно училиште или порано.

„Климатските промени се меѓу најголемите предизвици со кои се соочува нашето општество и длабоко ќе влијаат на нашите животи во годините што доаѓаат“, рече Витом.

„Во моментов, нашиот образовен систем не ги подготвува соодветно младите луѓе за нивната иднина“, додава таа.

Таа рече дека предлог-законот ќе значи дека „климатските промени добиваат внимание директно во наставната програма што го заслужуваат“.

Ако парламентот одлучи да продолжи со предлог-законот, тогаш тој ќе влезе во првото читање.