Првиот меѓународен фестивал на филмови снимени со дрон ќе се одржи во Сан Франциско

Првиот меѓународен филмски фестивал во светот посветен исклучиво на остварувања снимени со дрон ќе се одржи во Сан Франциско, САД овој ноември. Фестивалот Flying Robot International го отвори повикот за филмови-учесници, кој ќе трае до 15 септември.

Ова ќе биде филмски собир кој „ќе ја слави воздушната кинематографија од перспективата на дроновите“. Сепак, фестивалот нема да го постави фокусот само врз убавината и естетиката на воздушните снимки кои најчесто се поврзуваат со дроновите. „Фестивалот не е толку околу убавината на филмовите. Во некои категории, приказните се исто толку важни колку квалитетот на кадрите“, вели организаторот на настанот Eddie Codel.

Една таква категорија е „Drones for Good“, каде се бараат кратки филмови во кои се прикажува како беспилотните летала се користат за да му се помогне на човештвото и да се истакнат важните глобални прашања. Дроновите веќе беа користени во борбата против ловокрадците, за да се пренесат медицински помагала и лекови во воени зони, во борбата против шумските пожари, па дури и во напорите да се пронајдат исчезнати луѓе. „Овие приказни за придобивките од дроновите не добиваат доволно внимание. Со оваа категорија, се надеваме дека ќе го промениме ставот на властите насекаде, кои ги забрануваат дроновите“, вели Codel.

Иако ова ќе биде првиот меѓународен фестивал од ваков тип, тој не е првиот во светот – овој март се одржа Њујоршкиот фестивал на филмови снимени со дрон, на кој беа претставени околу 400 остварувања.  Сепак, се очекува фестивалот во Сан Франциско да биде многу различен, затоа што тој нема да се фокусира врз традиционалните филмаџии, туку врз новиот бран видео-уметници, кои најчесто немаат формално филмско школување. Flying Robot ќе се одржи во независен театар во градот, а учеството чини само 5 долари.